Стар Завет

Нов Завет

Еремија 32:29-44 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

29. Во него ќе влезат Халдејците, кои се борат против овој град, ќе го уништат со оган и ќе го изгорат заедно со куќите, на чии покриви му палеа темјан на Ваала и им лееја налевници на туѓите богови, разгневувајќи Ме Мене.

30. Зашто Израелевите синови и Јудините синови од младост прават само зло пред Моите очи. Навистина, Израелевите синови без прекратување Ме гневат со делата на своите раце - говори Господ.

31. Навистина, овој град само Ми е за гнев и расрденост откако е изграден па до денешниот ден, та треба да го отстранам од пред Своето лице

32. заради сето беззаконие што го направија Израелевите синови и Јудините синови, разгневувајќи Ме - тие и нивните цареви, кнезови и свештеници и пророци, Јудејците и Ерусалимците.

33. Ми ги свртија плеќите, а не своето лице, иако се трудев неуморно да ги поучам, ама не Ме слушаа ниту ја примија Мојата наука.

34. Поставија грозотии во Домот, што е наречен со Моето Име, за да го обесветат.

35. Му подигнаа високи места на Ваала во Долината Бен Еном, и своите синови и ќерки му ги поминуваа низ оган на Молоха - што Јас никогаш не им заповедав; ни на ум не Ми падна да прават такви гадости, ниту би го пуштил Јуда во таков грев.

36. Сепак, вака зборува Господ, Израелевиот Бог, за тој град за кого што вие велите дека ќе падне од меч, од глад и од помор, во рацете на вавилонскиот цар:

37. ‘Еве, Јас ќе ги соберам од сите земји во кои ги протерав - во Својот гнев и јарост - и ќе ги вратам на ова место за да живеат тука спокојно.

38. И тие ќе бидат Мој народ, а Јас ќе бидам нивни Бог.

39. И ќе им дадам едно срце и еден пат, за да се бојат од Мене во сите дни, за своја среќа и за среќата на своите деца.

40. И ќе склучам со нив вечен Завет, никогаш веќе не ќе се одвратам од нив и секогаш ќе им правам добро; ќе им го посадам во срцето Својот страв, за да не се одметнат никогаш веќе од Мене.

41. И ќе се радувам правејќи им добро; и цврсто ќе ги засадам во оваа земја, со сето Свое срце и со сета Своја душа.’

42. Зашто Господ зборува вака: ‘Како што врз овој народ ја доведов сета оваа страшна несреќа, така врз нив ќе ја доведам сета среќа што им ја ветив.

43. Да, пак ќе се купуваат ниви во оваа земја за која што вие велите: „Ова е пустина, без човек и без животинче, предадена на милост и немилост на Халдејците!”

44. Нивите ќе се купуваат за сребреници, ќе се пишуваат и ќе се запечатуваат купопродажни договори, ќе бидат повикувани сведоци во Венијаминовата Земја и во околината на Ерусалим. Во Јудините градови и во градовите на Горјето, на Шефел, на Негев, зашто ќе ја изменам нивната судбина’ - говори Господ.”

Прочитајте целосна глава Еремија 32