Стар Завет

Нов Завет

Еремија 36:24-32 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

24. Ни царот ни неговите слуги не се исплашија, ниту ги раскинаа облеките кога ги чуја тие зборови,

25. па сепак Елнатан, Делај и Гемариј го молеа царот да не го спалува книжниот свиток, ама тој не ги послуша.

26. Тогаш царот им заповеда на царевиот син Ерамеил и на Серај, синот Азрилов, и на Селемиј, синот Авдилов, да ги фатат писарот Варух и пророкот Еремија. Но Господ ги беше скрил.

27. И така, откако царот го изгоре книжниот свиток со зборовите што Варух ги имаше напишано според Еремииното кажување, му дојде Господовото слово на Еремија:

28. „Земи друг книжен свиток и запиши ги во него сите оние зборови што беа на првиот книжен свиток, што Јоаким, јудејскиот цар, го изгоре.

29. А против Јоакима, јудејскиот цар речи вака: ‘Господ зборува вака: „Го изгоре книжниот свиток зборувајќи: ‘Зошто во него напиша дека ќе дојде вавилонскиот цар, кој ќе ја запусти оваа земја и ќе ги истреби луѓето и добитокот?’”

30. Затоа вака зборува Господ против Јоакима, јудејскиот цар: „Тој не ќе има потомок за да седне на Давидовиот престол, а неговото мртво тело ќе биде фрлено дење на припек и на ноќен мраз.

31. Ќе ги казнам: него, и неговото потомство, и неговите слуги заради нивното беззаконие, и ќе дотерам на Ерусалимците и на Јудејците - сето зло со кое им се заканував, а не Ме слушаа.”‘“

32. Тогаш Еремија зеде втор книжен свиток, му го даде на писарот Варух, синот Нириин, и тој по кажувањето на Еремија ги запиша сите зборови на книжниот свиток, што Јоаким, јудејскиот цар, го изгоре во жарта. И кон нив беа допишани уште многу онакви зборови.

Прочитајте целосна глава Еремија 36