Стар Завет

Нов Завет

Еремија 36:7-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. Можеби нивните покорни молења ќе се издигнат кон Господа, и можеби ќе се одврати секој од својот лош пат; зашто е голем бесот и срдењето со кои Господ му се заканува на овој народ.”

8. И Варух, синот Нириин, направи сè како што пророкот Еремија му беше заповедал за да ги прочита Господовите зборови во Господовиот Дом.

9. Во петтата година на Јоаким, синот Јосиин, јудејскиот цар, во деветтиот месец, го повикаа на пост пред Господа сиот ерусалимски народ и сиот народ што можеше да стигне од јудејските градови во Ерусалим.

10. Варух му ги прочита од книжниот свиток Еремиините зборови на сиот народ во Господовиот Дом, во дворницата на Гемариј, синот на писарот Сафан, во горното преддворје пред Новата Врата на Господовиот Дом.

11. А кога Михеј, синот на Сафановиот син Гемариј, ги чу сите Господови зборови, напишани во книжниот свиток,

12. слезе во царскиот дворец во собата на писарот, каде што токму седеа сите достоинственици: писарот Елисам, Делај, синот Семаин, Елнатан, синот Ахворов, Гемариј, синот Сафанов, Седекиј, синот Ананиин, и сите други достоинственици.

13. Михеј им ги кажа сите зборови што ги беше чул кога Варух му ги читаше на народот од книжниот свиток.

14. Тогаш сите кнезови ги испратија Јудиј, синот Натаниин, и Селемиј, синот Хусиев, кај Варуха да му речат: „Земи го во раката книжниот свиток од кој што му читаше на народот и дојди!” Тогаш Варух, синот Нириин, го зеде книжниот свиток во раката и дојде кај нив.

15. Тие му рекоа: „Ајде, седни и прочитај ни.” И Варух им прочита.

16. Кога ги чуја сите оние зборови, се погледаа исплашено и му рекоа на Варуха: „Треба сè тоа да му го кажеме на царот.”

17. И го прашаа Варуха: „Ајде, објасни ни како ти ги напиша сите тие зборови.”

18. Варух им рече: „Еремија ми ги кажуваше сите тие зборови, а јас со црнило ги запишав во книжниот свиток.”

19. Тогаш кнезовите му рекоа на Варуха: „Оди, и скриј се, ти и Еремија; никој да не знае каде сте.”

20. И, откако го оставија книжниот свиток во дворницата на писарот Елисам, отидоа кај царот во преддворјето на дворецот и му раскажаа за сè.

Прочитајте целосна глава Еремија 36