Стар Завет

Нов Завет

Еремија 40:3-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. Изврши и направи како што се закани, зашто грешевте против Господа и не го слушавте Неговиот глас. Затоа и ве најде ова зло.

4. Еве, сега ги одврзувам оковите од твоите раце. Ако ти е по волја да дојдеш со мене во Вавилон, тргни со мене, и моето око ќе бдее над тебе. Ако не ти е по волја да дојдеш со мене во Вавилон, ти остани. Еве, целата земја е пред тебе: можеш да одиш каде што ти сака окото, каде што ќе ти биде добро.

5. И така, ако сакаш да останеш, можеш да појдеш кај Годолиј, синот Ахикамов, синот Сафанов, кого што вавилонскиот цар го постави над јудејските градови, и остани кај него среде народот, или пак можеш да одиш каде што ти е мило.” Потоа заповедникот на телесната стража му даде храна и подарок кон тоа и го отпушти.

6. Тогаш Еремија се запати во Миспа, кај Годолиј, синот Ахикамов, та остана кај него среде народот што остана во земјата.

7. Сите воени заповедници, и нивните луѓе наоколу, научија дека вавилонскиот цар и го постави на земјата за намесник Ахикамовиот син Годолиј та му ги доверил мажите, жените и децата и сиромасите, кои уште не беа одведени во вавилонско заточение.

8. И дојдоа пред Годолиј во Миспа: Нетаниовиот син Исмаило, Кариовиот син Јоанан; Тануметовиот син Серај, потоа синовите на Офиј Нетофаканецот, Махатиовиот син Езаниј, тие и нивните луѓе.

9. Годолиј, син на Сафановиот син Ахикам, им се заколна ним и на нивните луѓе и рече: „Не бојте се да им служите на Халдејците, останете во земјата, бидете му верни на вавилонскиот цар, и ќе ви биде добро.

10. А јас, ете, ќе останам во Миспа во служба на Халдејците кои што доаѓаат кај нас. Вие пак соберете го грозјето, соберете ги овошките и маслинките, ставете ги во садови и останете во градовите што сте ги зазеле.”

11. И сите Јудејци што се најдоа во Моав, кај Амоновите синови, и во Едом, по сите земји, научија дека вавилонскиот цар остави остаток во Јудеја и дека го поставил над нив Годолиј, син на Сафановиот син Ахикам.

12. И тогаш сите Јудејци се вратија од сите места каде што ги беа распрснале, се вратија во Јудејската Земја кај Годолиј во Миспа, па набраа мошне многу грозје и други овошки.

13. А Јоанан, синот Кариов, и сите воени заповедници отидоа кај Годолиј во Миспа,

14. па му рекоа: „А знаеш ли дека амонскиот цар Валис го испрати Исмаило, синот Нетаниин, за да те убие?” Но Годолиј, синот Ахикамов, не им поверува.

Прочитајте целосна глава Еремија 40