Стар Завет

Нов Завет

Еремија 42:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Тогаш сите воени заповедници, особено Јоанан, синот Кариов, и Езаниј, синот Осаев, и сиот народ, мало и големо, пристапија

2. и му рекоа на пророкот Еремија: „Чуј ја внимателно нашата молба! Моли се за нас пред Господа, својот Бог, за сиот овој Остаток, зашто, како што гледаш и самиот, нè остана уште сосем малку од големиот број колку што нè имаше некогаш.

3. Нека Господ, твојот Бог, ни објави каде да тргнеме и што треба да правиме.”

4. Пророкот Еремија им одговори: „Се согласувам, ќе Му се помолам, како што рековте на Господа, вашиот Бог, и ќе ви јавам сè што Тој ќе ви одговори, ниеден збор нема да ви скријам.”

5. Тие пак му рекоа на Еремија: „Господ нека биде вистински и веродостоен сведок против нас ако не постапиме сосем според зборовите што Господ, твојот Бог, ќе ни ги соопшти преку тебе.

6. Било да е поволен или неповолен гласот на Господа, нашиот Бог, кај Кого те праќаме, ние ќе го слушаме, за да ни биде добро, зашто го послушавме гласот на Господа, нашиот Бог.”

7. По десет денови Господовото слово му дојде на Еремија.

8. Тогаш тој ги повика Јоанан, синот Кариов, сите воени заповедници кои беа со него, и сиот народ, мало и големо,

9. па им рече: „Вака зборува Господ, Израелевиот Бог, Кому ме испративте за да ја излеам пред Него вашата молба:

10. ‘Ако бидете живееле мирно во оваа земја, ќе ве подигнам, и нема веќе да ве разурнам; ќе ве посадам, а нема да ве откорнам. Зашто се сожалив за бедата што ви ја сторив.

11. Не бојте се од вавилонскиот цар од кого се плашите. Не бојте се од него - говори Господ - зашто Јас Сум со вас за да ве спасам и да ве избавам од неговите раце.

12. И Јас ќе ви покажам милост да ви се смилува и да ве пушти да живеете во оваа земја.’

13. Ако пак речете: ‘Не, ќе останеме во оваа земја,’ не покорувајќи Му се на гласот на Господа, својот Бог,

14. ако речете: ‘Не, одиме во Египет, за да не видиме веќе војна, за да не го чуеме веќе гласот на бојниот рог, за да не бидеме веќе гладни за леб; да одиме онаму.’

Прочитајте целосна глава Еремија 42