1. Слово што му се јави на Еремија за сите Јудејци кои живееја во Египетската Земја, кои живееја во Мигдол, во Тафнес и во земјата Патрос.
2. „Вака зборува Господ пад Воинствата, Израелевиот Бог: ‘И самите ја видовте сета несреќа што ја навалив врз Ерусалим и врз сите јудејски градови; еве денес тие се куп урнатини, а во нив никој веќе не живее,
3. заради нивните злодела што ги направија за да Ме навредуваат Мене, тргнувајќи кон други богови што не ги познавате: ни тие, ни вие, ни вашите татковци, за да им кадат и за да им служат.
4. А Јас постојано ви ги праќав Своите слуги, пророците, за да ви речат: „Не правете ги тие гнасости што Ми се замразени!”
5. Ама тие не Ме слушаа, ниту го приклонија своето уво за да се откажат од своето зло и да прекратат да им кадат на туѓи богови.
6. Затоа се излеа Мојот гнев и Мојата расрденост, и се распламтија во јудејските градови и по ерусалимските улици, та се претворија во пустина и во урнатини, како што се денес.
7. Зошто самите навалувате врз себеси таква голема несреќа - зборува Господ, Бог над Војските, Израелевиот Бог - та самите истребувате од корен сè: машко и женско, деца и младенчиња, та ни остатокот нема да ви остане,
8. зашто Ме навредувате со делата на вашите раце, кадејќи им на туѓи богови во Египетската Земја, во која што дојдовте да престојувате, а ќе бидете откорнати и ќе станете клетва и потсмев меѓу сите народи на земјата?
9. Ги заборавивте ли беззаконијата на своите татковци, беззаконијата на јудејските цареви, беззаконијата на своите кнезови и на нивните жени, и своите беззаконија, беззаконијата на своите жени, направени во Јудејската Земја и по ерусалимските улици.
10. До денешен ден не се покајаа, не се боеја, не живееја според Мојот Закон ни по Моите одредби, што ви ги дадов вам и на вашите татковци.’