Стар Завет

Нов Завет

Еремија 44:13-26 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Ќе ги казнам сите што ќе бидат во Египетската Земја, како што го казнив Ерусалим: со меч, со глад и со помор.

14. А од остатокот на Јудеја што дојде да се настани во Египет, никој не ќе избега ниту ќе преживее, за да би можел да се врати во Јудејската Земја, по која им копнеат душите, за да се вратат во неа и за да се настанат таму. Зашто никој не ќе се врати, освен бегалците.’”

15. И тогаш сите мажи кои што знаеја дека жените им кадат на туѓи богови, и сите присутни жени, во големо мноштво, и сиот народ што живееше во Египетската Земја и во Патрос, му одговорија на Еремија:

16. „Зборовите што ни ги објави во Господово Име ние не ги слушаме;

17. спротивно, и натаму ќе го пазиме словото излезено од нашите усти: ќе и кадиме на небеската царица и ќе лееме налевници, како што и ние и нашите татковци, нашите цареви и нашите кнезови правеа во јудејските градови и по ерусалимските улици: тогаш имавме леб во изобилство, бевме среќни, и не трпевме никаква несреќа.

18. Но откако прекративме да и кадиме на небеската царица и да и лееме налевници, бевме скудни во сè, и гиневме од меч и од глад.”

19. А жените рекоа: „Кога и кадиме на небеската царица и и лееме налевници, зар без знаење на своите мажи печеме колачиња во облик на нејзиниот лик и лееме налевници?”

20. Тогаш Еремија на сиот народ, на мажите и жените, и на сите луѓе што му зборуваа така, им рече:

21. „Не си ли спомна Господ и не Го ѓибна ли во срцето темјанот што го палевте по јудејските градови и по ерусалимските улици, вие и вашите татковци, вашите цареви, кнезови и земниот полк?

22. Господ не можеше веќе да ги поднесува вашите злодела и гнасостите што ги направивте, и затоа вашата земја се претвори во пустина и урнатини, во проклетство, без жители, како што е и денес.

23. Заради тоа што, принесувајќи темјан, Му згрешивте на Господа, зашто не го слушавте Господовиот глас и не ги пазевте Господовиот Закон и неговите наредби и сведоштва, ве најде оваа несреќа, каква што е денес.”

24. Потоа Еремија му рече на сиот народ, особено на жените: „Чујте го Господовото слово, сите Јудејци што сте во Египетската Земја:

25. Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘Вие, и вашите жени, тоа што го зборувале вашите усти, тоа вашите раце и го правеле. Рековте: „Ќе ги исполниме нашите ветувања што ги ветивме: ќе и кадиме на небеската царица и ќе и лееме налевници.” Пазете ги само своите завети и лејте и налевници!’

26. Но затоа чујте го Господовото слово, сите вие Јудејци населени во Египетската Земја: ‘Еве, се заколнувам во Своето големо Име, зборува Господ. Во целата Египетска Земја ниту една јудејска уста не ќе го изговори веќе Моето Име: никој не ќе рече: „Живиот ми Господ!”

Прочитајте целосна глава Еремија 44