Стар Завет

Нов Завет

Еремија 46:1-16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Словото што Господ му го упати на пророкот Еремија против народите.

2. Уште за Египет. Против војската на фараонот Нехаон, египетски цар, кој беше покрај реката Еуфрат, во Харкемис, и кого царот Навуходоносор го порази, во четвртата година на Јоаким, синот Јосиин, јудејскиот цар.

3. „Подгответе штитови и оклопи! Напред, во бој!

4. Впрегнете ги коњите! На коли, возачи! Поставете се под кацигите! Насочете ги копјата! Навлечете ги оклопите!

5. Што гледам? Вчудоневидени, се повлекуваат? Нивните јунаци, поразени, се дадоа во бегство, со главата без обѕир! ужас отсекаде - говори Господ.

6. Ни најбрзиот не избега, ни најхрабриот не се извлече! На север, покрај брегот на Еуфрат, се сопинаат и паѓаат.

7. Кој се дига како Нил, чии води шумат, како потоци?

8. Египет се дига како Нил, водите му шумат како потоци. И вели: ‘Ќе се дигнам, ќе ја преплавам земјата, ќе ги запустам градовите и населението!’

9. Коњи, напред! Летнете, бојни коли! Навалете, воини! Хуси, Фуди, заштитени со штитови, и Лудејци, што стрелаат со лак!

10. Ова е ден на Господа над Војските - ден на одмазда за да им се одмазди на Своите непријатели: мечот ќе се изнајаде, ќе се насити, ќе го смири гладот со нивната крв! Зашто Господ, Господ над Војските, има жртвен колеж во Северната Земја покрај брегот на Еуфрат.

11. Искачи се на Галад, побарај балзам, девице, египетска ќерко! Напразно многу лекови: нема оздравување за тебе!

12. Народите чуја за твојот срам, твоите викотници ја наполнија земјата. Зашто јунак се сопнува од јунак и двајцата паѓаат.”

13. Слово што Господ му го упати на пророкот Еремија кога Навуходоносор, вавилонскиот цар, дојде за да удри на Египетската Земја.

14. „Навестете му на Египет, објавете во Мигдол, разгласете во Мемфис: ‘Подреди се! Приготви се! Зашто мечот веќе голта сè околу тебе!’

15. Што? Зар Апис избега? Твојот бик не устои? Да, Господ го обори!

16. Тој направи та мнозина се сопнаа, испаѓаа еден на друг. И ете, зборуваат: ‘На нозе! Да се вратиме при својот народ, во својата родна грутка, пред погубувачкиот меч!’

Прочитајте целосна глава Еремија 46