Стар Завет

Нов Завет

Еремија 49:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. За Амоновите синови. Господ зборува вака: „Израел нема синови, нема наследник? Зошто Малхом го наследи Гад и неговиот народ се насели во неговите градови?

2. Затоа, еве, доаѓаат денови - говори Господ - и ќе направам да се чујат воени извици во Рава на Амоновите синови, и таа ќе биде ограбена грамада, а нејзините населби изгорени со оган. Тогаш Израел ќе ги ограби своите ограбувачи - зборува Господ.

3. Плачи, Есевоне, зашто Гај е запустен, викајте на помош равски ќерки. Препашете вреќиште, почнете тажачки, обиколувајте меѓу оградите. Зашто Малхом треба да оди на заточение, со свештениците и со кнезовите.

4. Зошто се фалиш со својата долина, одметничка ќерко, која што се надеваш во своето богатство и зборуваш: ‘Кој се осмелува да стане против мене?’

5. Еве, навалувам врз тебе страв отсекаде наоколу: ќе бидете распрснати, секој на своја страна, и никој не ќе ги собере бегалците.

6. Но тогаш пак ќе ја изменам несреќата на Амоновите синови - говори Господ.

7. За Едом. Вака зборува Господ над Војските: „Зар нема веќе мудрост во Теман, зар на разумните им го снема расудокот, зар изветреа нивната мудрост?

8. Бегајте, губете се и скријте се длабоко, жители на Дедан, зашто му носам пропаст на Исав, време на неговата казна.

9. Дојдат ли берачите кај тебе, ни доберок нема да остават; дојдат ли ноќните крадци, ќе ограбат сè што сакаат.

10. Зашто Јас Сум Оној што ќе го побарам Исава, и ќе му го откријам засолништето, за да не може да се скрие. Неговото племе е запустено: го нема веќе! Никој не вели:

11. ‘Остави ги своите сираци, јас ќе ги прехранам, и твоите вдовици нека се надеваат во мене!’”

12. Зашто вака зборува Господ: „Ете, оние кои што навистина не требаа да ја пијат чашата, треба да ја испијат до капка, и зар токму ти да останеш неказнет? Не, ти не ќе останеш неказнет, ќе треба да ја испиеш чашата!

13. Зашто Се заколнав Самиот во Себе - говори Господ: Восора ќе стане руг и срам, пустина и проклетство; а сите нејзини градови ќе бидат вечни урнатини.”

14. Господ ми упати вест, гласникот им беше испратен на народите: „Соберете се! Тргнете против неа, тргнете! Станете! Во бој!

15. Зашто, ете, ќе те направам мал меѓу народите, презрен меѓу луѓето.

Прочитајте целосна глава Еремија 49