Стар Завет

Нов Завет

Еремија 49:1-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. За Амоновите синови. Господ зборува вака: „Израел нема синови, нема наследник? Зошто Малхом го наследи Гад и неговиот народ се насели во неговите градови?

2. Затоа, еве, доаѓаат денови - говори Господ - и ќе направам да се чујат воени извици во Рава на Амоновите синови, и таа ќе биде ограбена грамада, а нејзините населби изгорени со оган. Тогаш Израел ќе ги ограби своите ограбувачи - зборува Господ.

3. Плачи, Есевоне, зашто Гај е запустен, викајте на помош равски ќерки. Препашете вреќиште, почнете тажачки, обиколувајте меѓу оградите. Зашто Малхом треба да оди на заточение, со свештениците и со кнезовите.

4. Зошто се фалиш со својата долина, одметничка ќерко, која што се надеваш во своето богатство и зборуваш: ‘Кој се осмелува да стане против мене?’

5. Еве, навалувам врз тебе страв отсекаде наоколу: ќе бидете распрснати, секој на своја страна, и никој не ќе ги собере бегалците.

6. Но тогаш пак ќе ја изменам несреќата на Амоновите синови - говори Господ.

7. За Едом. Вака зборува Господ над Војските: „Зар нема веќе мудрост во Теман, зар на разумните им го снема расудокот, зар изветреа нивната мудрост?

8. Бегајте, губете се и скријте се длабоко, жители на Дедан, зашто му носам пропаст на Исав, време на неговата казна.

9. Дојдат ли берачите кај тебе, ни доберок нема да остават; дојдат ли ноќните крадци, ќе ограбат сè што сакаат.

10. Зашто Јас Сум Оној што ќе го побарам Исава, и ќе му го откријам засолништето, за да не може да се скрие. Неговото племе е запустено: го нема веќе! Никој не вели:

11. ‘Остави ги своите сираци, јас ќе ги прехранам, и твоите вдовици нека се надеваат во мене!’”

12. Зашто вака зборува Господ: „Ете, оние кои што навистина не требаа да ја пијат чашата, треба да ја испијат до капка, и зар токму ти да останеш неказнет? Не, ти не ќе останеш неказнет, ќе треба да ја испиеш чашата!

13. Зашто Се заколнав Самиот во Себе - говори Господ: Восора ќе стане руг и срам, пустина и проклетство; а сите нејзини градови ќе бидат вечни урнатини.”

14. Господ ми упати вест, гласникот им беше испратен на народите: „Соберете се! Тргнете против неа, тргнете! Станете! Во бој!

15. Зашто, ете, ќе те направам мал меѓу народите, презрен меѓу луѓето.

16. Твојот страв те заведе, гордоста на твоето срце, ти, кој што живееш во камени пештери, и се придржуваш за високите планини, па виткаш гнездо врз каменливиот ридски венец, како орлите, оттаму ќе те симнам - говори Господ.

17. Едом ќе стане пустина, секој што ќе помине низ него, ќе се вчудоневиди и ќе свири со устата заради сите негови рани.

18. Ќе го разурнат како Содом и Гомор и нивните соседи - зборува Господ. Човек не ќе станува таму, човечки син не ќе престојува во него.

Прочитајте целосна глава Еремија 49