Стар Завет

Нов Завет

Еремија 49:22-38 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

22. Ете, како орел тој се дига и трепери, шири крилја над Восора. Во оној ден срцето на едомските јунаци ќе биде како срцето на жената во родилни болки.

23. За Дамаск: „Збунети се Емат и Арфад, зашто чуја лоша вест. Срцето им се стега од ужас и не може да се смири.

24. Дамаск е обесхрабрен, се даде во бегство, страв го опфати, го обзедоа тешкотии и болки како родилката.

25. Како? Славниот град е напуштен, градот на Мојата радост!

26. Затоа неговите младинци ќе испаѓаат по улиците, сите воини ќе загинат во оној ден - говори Господ над Воинствата.

27. Ќе ги запалам со оган ѕидовите на Дамаск: пламенот ќе ги голтне дворците Вен-Ададови.”

28. За Кадар и за асорските царства, што ги порази Навуходоносор, вавилонскиот цар. Господ зборува вака: „Станете, нафрлете се врз Кадар, уништете ги синовите на Исток!

29. Нека им бидат одземени шаторите и стадата, шаторските крила и сета опрема! Нека им бидат одведени камилите и нека викаат на нив: ‘Страв отсекаде!’

30. Бегајте со главата без обѕир, скријте се длабоко, жители на Асор - говори Господ. Зашто Навуходоносор, вавилонскиот цар, крои наум против вас, смислува напад:

31. Станете, удрете на мирниот народ што живее без страв - говори Господ - што нема ни врати ни лостови, што живее осамено!

32. Нивните камили ќе бидат плен, мноштво овци на ограбувачите! И ќе ги распрснам на сите страни, оние луѓе со избричени краеви на косата, и ќе доведам гибел врз нив отсекаде - говори Господ.

33. Асор ќе стане дувло на шакали и вечна пустина. Човек таму не ќе престојува, таму нема да се насели човечки син.”

34. Слово што Господ му го упати на пророкот Еремија за Елам, во почетокот на царувањето на Седекија, јудејскиот цар.

35. Господ над Восјките зборува вака: „Еве, ги кршам Еламовиот лак, с’ржта на неговата сила.

36. Ќе дотерам четири ветра против Елам од четирите краишта на небото, и ќе ги распрснам Еламците во сите четири ветра, и не ќе има народ каде не ќе стигнат еламските бегалци.

37. Ќе им втерам страв во коските на Еламците пред нивните непријатели. Ќе пуштам несреќа на нив, огнот на Својот гнев - говори Господ. Ќе испратам меч по нив додека не бидат сосем уништени.

38. И ќе го поставам Својот престол во Елам, и ќе ги сотрам таму царот и сите кнезови - говори Господ.

Прочитајте целосна глава Еремија 49