16. Торбата за стрели им е отворен гроб. Сите се тие одбор јунаци.
17. Тој ќе ги изеде: твојата жетва, твојот леб, твоите синови и ќерки, твоите овци и говеда, грозјето и смоквите твои, ќе ти ги разори тврдите градови во кои се надеваш сега.
18. Но ни тогаш - говори Господ - не ќе те уништам сосем.
19. А кога ќе прашуваат: ‘Зошто Господ, нашиот Бог, ни го стори ова?’ ти ќе им одговориш: ‘Зашто Ме оставивте Мене, за да им служите на туѓи богови во својата земја, ќе му служите на туѓинец, во земјата што не е ваша!’
20. Објавете му го ова на Јакововиот дом и прогласете го по Јудеја:
21. ‘И така, чујте го ова, луд и неразумен народу: очи имаат, а не гледаат, уши имаат, а не слушаат!
22. Зар не ќе се боите од Мене - говори Господ - зар не ќе треперите пред Мене? Кој му ја ставив песокта на морето за граница, за вечна меѓа што никогаш нема да ја помине: тоа се накрева, но е немоќно, брановите му бучат, но нема да поминат.
23. Но, во овој народ срцето е бунтовно, непокорно; тие се оддалечија - тоа е нивната сила!
24. Не рекоа во своето срце: „Да се боиме од Господа, нашиот Бог, Кој што ни праќа во прав час ран дожд и доцен дожд, и Кој ни ги чува седмиците одредени за жетва.”