Стар Завет

Нов Завет

Еремија 52:1-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Седекија беше на дваесет и една година кога се зацари, а царуваше единаесет години во Ерусалим. Името на мајка му и беше Амутала, ќерка на Еремија, а беше од Ливна.

2. Правеше што е зло во Господовите очи, сè како што правеше Јоаким.

3. Тоа му се случи на Ерусалим заради Господовиот гнев; најпосле Господ и ги отфрли од пред Своето лице.

4. Во деветтата година на неговото царување, во десеттиот ден на десеттиот месец, тргна самиот вавилонски цар Навуходоносор со сета своја војска против Ерусалим. Се влогори пред градот и го опаша со окопи.

5. Градот остана опколен сè до единаесеттата година на Седекиевото царување.

6. Во деветтиот ден на четвртиот месец, кога во градот завладеа таква глад така што простиот народ немаше ни леб,

7. непријателот навлезе во градот. Тогаш царот и сите воини избегаа ноќе низ вратата меѓу два ѕида над Царската Градина - Халдејците го беа опколиле градот - и тргнаа по патот кон Араба.

8. Халдејските чети тргнаа по нив во потера и го стигнаа Седекија во Ерихонските Полиња, а сета негова војска се разбега.

9. И Халдејците го фатија царот и го одведоа во Ривла, во Ематската Земја, пред вавилонскиот цар, кој му ја изрече пресудата.

10. Ги искла Седекиевите синови пред неговите очи, ги погуби во Ривла сите Јудини кнезови;

11. на Седекија му ги ископа очите и го окова во бронзени окови и го одведе во Вавилон, каде што го држеше во темница сè до неговата смрт.

12. Во десеттиот ден на петтиот месец - во деветнаесеттата година на царувањето на Навуходоносор, вавилонскиот цар - во Ерусалим дојде Невузардан, началник на телохранителите.

Прочитајте целосна глава Еремија 52