Стар Завет

Нов Завет

Еремија 7:4-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

4. Не надевајте се на лажните зборови: ‘Господово светилиште! Господово светилиште! Господово светилиште!’

5. Но ако навистина ги поправите своите патишта и своите дела, и ако навистина ќе правите што е право, секој кон својот ближен,

6. ако не ги угнетувате странецот, сирачињата и вдовиците и ако не пролевате невина крв на ова место, ако не трчате по туѓи богови за своја несреќа -

7. ќе престојувам со вас на ова место, во земјата што им ја дадов на вашите татковци засекогаш.

8. Ама вие се надевате во лажни и неполезни зборови!

9. Зар да крадете, да убивате, да правите прељуба, да се заколнувате криво, да му палите темјан на Ваал и да трчате по туѓи богови што не ги познавате,

10. а тогаш да доаѓате и да стоите пред Мене во овој Дом, што го носи Моето Име и да зборувате: ‘Спасени сме!’ и потоа пак да правите зло и нечесности?

11. Зар овој Дом, што се вика со Моето Име, е во вашите очи разбојничка пештера? Но Јас гледам добро - говори Господ.

12. И така, појдете во Моето место, што е во Сило, каде што некогаш го настанив Своето Име, и погледајте што направив од него заради беззаконијата на Својот Израелски народ.

13. Бидејќи ги правите сите оние исти недела - слово е Господово - и ако ве опоменувам неуморно, вие не слушате, а кога ве повикувам, вие не се одѕвивате:

14. од овој Дом, што се вика со Моето Име, во кое се надевате вие, и од ова место што ви го дадов вам и на вашите татковци, ќе направам исто што направив и од Сило.

15. Ќе ве отфрлам од Своето лице, како што ги отфрлив сите ваши браќа, сето Ефремово потомство.

16. А ти не моли милост за овој народ, не кревај глас за нив и не моли, ниту се застапувај пред Мене, зашто нема да те послушам.

17. Не гледаш ли што прават по јудејските градови и по ерусалимските улици?

18. Децата собираат дрва, татковците запалуваат оган, жените месат тесто за да и испечат колачиња на ‘царицата на небото’ и им леат налевници на други богови за да Ме похулат.

19. Зар Мене Ме хулат со тоа - Господов збор е - а не себеси за свој срам?”

20. И затоа Господ Бог зборува вака: „Еве, Својот гнев и Својата јарост ќе ги излеам врз ова место, на луѓето и на добитокот, на полските дрва и на плодовите на земјата, ќе се распламени и нема да угасне.”

Прочитајте целосна глава Еремија 7