Стар Завет

Нов Завет

Естир 9:16-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

16. Другите Евреи, оние кои живееја во царските покраини се собраа да ги бранат своите животи и мирот од непријателите: погубија седумдесет и пет илјади непријатели. Но ни тогаш не се полакомија по плен. Беше тринаесеттиот ден на месецот адар.

17. На четиринаесеттиот ден Евреите мируваа: тоа беше ден на гозба и веселба.

18. Евреите во Шуша, кои се собраа во тринаесеттиот и четиринаесеттиот ден, мируваа во петнаесеттиот ден; тоа беше ден на нивната веселба и гозба.

19. Затоа Евреите полјани, оние кои живеат во неутврдени села, празнично го прославуваат четиринаесеттиот ден на месецот адар, веселејќи се и гоштевајќи се, и разменувајќи дарови меѓу себе.

20. Мардохеј ги опиша тие настани и им испрати писма на Евреите во сите блиски и далечни покраини на царот Ахасвер.

21. Им наложи да ги прославуваат во секоја година четиринаесеттиот и петнаесеттиот ден на месецот адар.

22. како ден во кој Евреите постигнаа спокој од своите непријатели и како месец кој ја претвори нивната тага во радост, а нивното жалење во празник. Нека ги прославуваат со гозба и со веселба, разменувајќи дарови меѓу себе и делејќи им поклони на бедните.

23. Евреите прифатија да го пазат она што веќе сами од себе почнаа да го прославуваат и за што им пишуваше Мардохеј:

24. „Аман, синот Амедатин, Агагеец, гонител на Евреите, кога науми да ги уништи сите, фрли „Пур”, односно жрепка, за нивното погубување и истребување;

25. но кога царот научи за неговата замисла, тој нареди писмено: „Нека се обори врз неговата глава опаката замисла што ја беше засновал против Евреите, и нека биде обесен, тој и неговите синови.

26. Затоа тие денови се наречени Пурим, според зборот Пур. Затоа според сета содржина на тоа писмо, и според она што видоа и што им беше пренесено

27. Евреите се обврзаа неотповикливо и прифатија за себе, за своите потомци и за сите оние кои ќе се здружат со нив, дека ќе ги прославуваат секоја година тие два дена според тој пропис и во тоа време.

28. Тие денови треба да се слават и да се спомнуваат за нив од поколение до поколение во секое семејство, покраина и град: тие денови на Пурим не смеат да исчезнат пред Евреите, ниту споменот за нив да биде избришан од нивниот род.

29. Царицата Естира, ќерката Авихаилова, и Евреинот Мардохеј го напишаа тоа што посилно за да го поткрепат така уште еднаш писмото за Пурим.

Прочитајте целосна глава Естир 9