14. А сите оние околу него, помошниците и четите, ќе ги распрснам во сите ветришта и ќе го извлечам Својот меч против нив.
15. А кога ќе ги распрснам меѓу народите и кога ќе ги расеам по земјите, ќе знаат дека Јас Сум Господ.
16. Сепак, ќе оставам малкумина што ќе му избегаат на мечот, на гладот и на поморот, за да ги раскажуваат своите гадности меѓу народите каде ќе стигнат, нека се знае дека Јас Сум Господ.”
17. И ми дојде Господово слово:
18. ”Човечки сине, јади леб загрижено и пиј вода со тресење од страв и со трепет!
19. И речи му на народот на земјата: ‘Господ, Господ, им зборува вака на ерусалимците во Израелевата земја: „Ќе јадат леб загрижено и ќе пијат вода со трепет, зашто земјата ќе им запустее, и ќе остане без ништо никаде, заради беззаконијата на своите жители.
20. И сите градови, сега населени, ќе бидат ограбени, а сета земја запустена. И ќе знаат дека Јас Сум Господ!”‘“
21. И ми дојде Господовото слово:
22. ”Човечки сине, какви ви се тие приказни за Израелевата земја? Се зборува: ‘Ете, деновите минуваат, а од пророштвото ништо!’
23. Затоа речи им: ‘Господ, Господ, зборува вака: „Ќе ги докрајчам тие приказни, и не ќе бидат повторувани веќе во Израел.” Речи им: „Деновите веќе наближуваат, и сите Мои пророштва ќе се исполнат!
24. Зашто не ќе има веќе во Израелевиот дом измамливи виденија, ни лажни пророштва, со кои што ги заведуваа луѓето.