4. зашто, сите животи се Мои, како животот на таткото така и животот на синот. И еве, оној кој ќе згреши, тој ќе умре.
5. Кој е праведен и кој ги почитува законот и правдата,
6. и не јаде по планините и не ги подига очите кон идолите на Израелевиот дом, не ја обесчествува жената на својот ближен и не и приоѓа на жената додека е нечиста;
7. никому не му нанесува насилство, го враќа земеното во залог и ништо не ограбува; го дели својот леб со гладните, го облекува голиот,
8. не дава на заем со добивка, ја воздржува раката од неправда, пресудува според вистината,
9. оди по Моите наредби и ги чува Моите закони, постапувајќи според вистината - тој е навистина праведен и тој ќе живее, зборува Господ Бог.
10. Но ако роди тој син разбојник, кој пролева крв, или ќе му направи нешто слично на братот,
11. а не работи како неговиот родител, туку јаде по горите, ја обесчествува жената на ближниот;
12. му нанесува насилство на сиромашниот и бедниот, ограбува, не враќа што примил како залог, очите ги подига кон идолите, правејќи одвратности;
13. дава на заем со добивка и зема придобивка - не, таквиот син нема да живее! Ги направил тие гадости и ќе умре, а неговата крв ќе падне врз него.
14. А ако тој роди син кој ќе ги согледа сите гревови што ги направил неговиот татко, ако ги согледа и ако така веќе не направи;
15. не јаде по планините, очите не ги подига кон идолите на Израелевиот дом, не ја обесчествува жената на ближниот;
16. никому не му нанесува насилство, не го присвојува залогот, ништо не ограбува, го дели својот леб со гладниот, го облекува голиот;
17. раката ја воздржува од неправда, не зема печалба ни добивка, ги извршува Моите закони и оди по моите наредби - не, тој нема да умре заради татковиот грев, тој ќе живее.
18. А неговиот татко кој го угнетуваше немилостиво и го ограбуваше својот ближен, правејќи во народот што не чини, ќе умре заради својот грев.