Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 20:30-42 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

30. Затоа речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Не се онечистивте ли вие како вашите татковци, не правите ли и вие блудство со нивните гадости?

31. Се валкате принесувајќи им дарови, поминувајќи ги низ оган своите синови во чест на сите свои идоли се до денешниот ден. И тогаш да Ме прашаш за совет доме Израелев! Животот Ми Мој - говори Господ Бог - нема да Ме прашате за совет!

32. И нема да се случи за што сонувате, кога зборувате: ‘Ќе бидеме како другите народи, како народите на другите земји што им служат на дрвата и на камењата.’

33. Животот Ми Мој - зборува Господ Бог - ќе владеам со вас со силна рака и со подигната мишка, во сета жестокост на Својата јарост.

34. Ќе ве изведам од народите, ќе ве соберам од сите земји во кои што бевте распрснати со силна рака и со подигната мишка во сиот пламен на Мојата јарост!

35. Ќе ве одведам во пустината на народите и таму ќе ви судам лице в лице!

36. Како што им судев на вашите татковци во пустината на Египетската Земја, и вам ќе ви судам - говори Господ Бог!

37. Ќе ве поминам под Својот жезал, ќе се вратите во мал број,

38. ќе ги одделам од меѓу вас сите кои се побунија и се одметнаа од Мене: ќе ги изведам од земјата во која што престојуваат како придојденци, но - во Израелевата Земја никогаш не ќе влезат! И ќе знаат дека Јас Сум Господ!

39. А вие, доме Израелев, - вака зборува Господ Бог - само одете и натаму служете му секој на својот идол! Еднаш, ви се колнам, ќе послушате и веќе не ќе го хулите Моето свето Име со своите приноси и идоли:

40. На Мојата Света Гора, на високата Израелева Гора - вели Господ Бог - ќе ми служи сиот Израелев дом, во целата земја. Таму тие ќе ми замилеат, и таму ќе ги барам вашите приноси и приносите на вашите први плодови со сите светини.

41. Ќе ми замилеете како пријатно кадење, кога ќе ве изведам од народите и кога ќе ве соберам од земјите во кои бевте расеани. И на вас ќе ја покажам Својата светост пред очите на сите народи.

42. Тогаш ќе знаете дека Јас Сум Господ, кога ќе ве доведам во Израелевата Земја, во земјата за која им се заколнав дека ќе им ја дадам на вашите татковци.

Прочитајте целосна глава Езекиел 20