Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 22:1-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И ми дојде Господово слово:

2. ”Човечки сине, сакаш ли да судиш, сакаш ли да му судиш на крвничкиот град? Покажи му ги сите негови гнасности!

3. Речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Граду што пролеваш толку крв во себе и што си градиш насекаде идоли за да се онечистиш, чукна твојот час:

4. ти згреши со крвта што ја пролеа, и ти се онечисти со идолите што ги направи, скратувајќи ги така своите денови и забрзувајќи ги своите години. И затоа сега ќе те направам срам меѓу народите, потсмев по сите земји.

5. И кои ти се близу и кои ти се далеку, ќе ти се потсмеваат тебе: ‘Онечистувајќи го твоето име, што се прочу со насилство!’

6. Ете, Израелевите кнезови и - секој на своја рака - пролеваат крв во тебе.

7. И во тебе веќе не се почитуваат ни таткото ни мајката, ги угнетуваат придојдениците, ги злоставуваат во тебе сирачињата и вдовиците!

8. Ги презираш Моите светини, ги обесветуваш саботите.

9. Во тебе се клеветниците заради кои се пролева крвта; во тебе се јаде по горите, сред тебе се прават разврати.

10. Во тебе се открива татковиот срам, во тебе ги силуваат жените додека се нечисти.

11. Едниот прави гадост со жената на својот сосед, другиот со срамно дело ја обесчестува својата снаа, а третиот во тебе ја изнасилува сестрата, ќерката на својот татко.

Прочитајте целосна глава Езекиел 22