Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 22:11-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. Едниот прави гадост со жената на својот сосед, другиот со срамно дело ја обесчестува својата снаа, а третиот во тебе ја изнасилува сестрата, ќерката на својот татко.

12. Ги има кои примаат поткуп за да пролеат крв. Земаш заем и придобивка, ограбуваш насила од ближниот, а Мене Ме забораваш - говори Господ Бог.

13. Затоа еве, Јас плескам со рацете над пленот што ти го ограби и над крвта што се лее во тебе.

14. Зашто, дали твоето срце ќе издржи и дали твоите раце ќе одолеат во деновите кога Јас ќе станам против тебе? Јас, Господ, реков и ќе направам!

15. Затоа ќе те распрснам меѓу народите, ќе те расеам по земјите, за да ја отстранам од тебе сета нечистота!

16. И пак ќе бидеш Мое наследство пред очите на народите. И ќе знаеш дека Јас Сум Господ!”‘“

17. Ми дојде Господово слово:

18. ”Човечки сине, Израелевиот дом ми стана талог: бронза, калај, железо и олово во печка - сите тие се отпадок!

19. Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Бидејќи ми станавте талог, ќе ве соберам, еве, во Ерусалим.

20. Како што се собира среброто, бронзата, железото, оловото и калајот во печка, та наоколу се раздувува огнот, за да се растопи сè така и Јас ќе ве соберам во Својот гнев и во својата јарост, ќе ве сложам и ќе ве растопам.

21. Да, ќе ве соберам и ќе го раздувам околу вас огнот на Мојата јарост, за да се растопите сред градот.

Прочитајте целосна глава Езекиел 22