Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 30:11-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. Тој и неговиот народ со него - најсвиреп меѓу народите - ќе бидат доведени за да ја сотрат земјата. И тие ќе извлечат меч против Египет и сета земја ќе му ја исполнат со трупови.

12. А Јас ќе ги пресушам реките и ќе ја предадам земјата во рацете на силниците, ќе ја запустам земјата и што е во неа, со раката на туѓинците. Јас Господ реков!”

13. Господ Бог зборува вака: „Ќе ги разурнам идолите и ќе ги истребам лажните богови во Мемфис, и не ќе има веќе кнезови во Египетската Земја.

14. Ќе го запустам Патрос, ќе го запалам Соан, ќе извршам суд врз тебе.

15. Ќе излеам гнев над Син, египетската тврдина, ќе истребам мноштво во Нов.

16. Ќе запалам оган под Египет: Син ќе се стресе од ужас, Нов ќе биде освоен, а Мемфис во тешкотија ден по ден.

17. Младите на Хелиопол и на Пи-Весет ќе паднат од меч. А тие ќе бидат одведени во ропство!

18. Над Тафнис ќе се стемни денот кога ќе го скршам таму египетскиот јарем, и кога ќе се докрајчи гордоста на силата во него! Облак ќе се наднесе над него, и неговите ќерки ќе бидат одведени во ропство!

19. Така ќе го извршам судот над Египет, и ќе знаат дека Јас Сум Господ.”‘“

20. Во единаесетата година, во првиот месец, на седмиот ден, ми дојде Господовото слово:

21. ”Човечки сине, ете, ја скршив мишката на фараонот, египетскиот цар! И еве, не ја ни завиткаа: не ставија лекови ниту ја преврзаа со завои за да ја закрепат, како би можела пак да има сила да прифати меч.

22. Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Еве Ме против фараонот, египетскиот цар, за да му ги скршам обете раце, и здравата и скршената, и за да му го исфрлам мечот од раката!

23. Ќе ги разгонам Египетците меѓу народите и ќе ги расеам по земјите!

Прочитајте целосна глава Езекиел 30