11. Зашто вака зборува Господ Бог: Еве ме, Самиот ќе ги побарам Моите овци и Самиот ќе ги пасам!
12. Како што пастирот се грижи за своите овци кога ќе се најде покрај распрснатото стадо, и Јас ќе се погрижам за Моите овци и ќе ги соберам од сите места во кои што се распрснаа во денот на облак и мрак.
13. Ќе ги изведам од народите, ќе ги соберам од земјите и ќе ги доведам во нивната земја за да ги пасам по Израелевите гори, по сите речни долини и по сите населени места во нивната земја.
14. Ќе ги пасам по прекрасни пасишта, трлата ќе им бидат на високите Израелеви гори; таму ќе одмараат во добри овчарници и ќе пасат по сочни пасишта, по Израелевите гори.
15. Самиот ќе ги пасам Своите овци и Самиот ќе им дадам починка - зборува Господ Бог.
16. Ќе ја побарам загубената, ќе ја доведам назад заскитаната, ќе ја преврзам ранетата и ќе ја поткрепам немоќната, ќе бдеам над дебелата и силната - ќе ги пасам праведно.”
17. А вам, овци Мои, Господ Бог ви зборува вака: „Еве Ме за да судам меѓу овца и овца, меѓу овните и јарците!
18. Зар ви е малку да пасете на добро пасиште, та остатокот од пасењето го газите со нозете?
19. А Моите овци треба да го пасат тоа што вие го изгазивте со нозете, да го пијат тоа, што го замативте со нозете.”
20. Затоа Господ Бог зборува вака: „Еве Ме за да судам меѓу дебелата и слабата овца!
21. Зашто со страните и со плеќите, бодејќи со роговите, ги туркавте мршавите овци додека не ги истуркавте.
22. Јас ќе ги избавам Моите овци, за да не бидат веќе плен, и ќе судам меѓу овца и овца.
23. Ќе им поставам еден Пастир, кој ќе ги пасе, Мојот слуга Давид; Тој самиот ќе ги пасе и ќе им биде Пастир,
24. а Јас, Господ, ќе бидам нивни Бог, и Мојот слуга Давид ќе им биде Кнез посред нив. Јас, Господ реков!
25. И ќе склучам со нив Завет на мир, и ќе ги отстранам од земјата сите диви ѕверови, и ќе живеат мирно во пустината и ќе спијат по горите.
26. Ќе ги направам благослов нив и сите околу Мојот Рид и ќе им дадам дожд на време, и тоа ќе биде дожд на благослов.
27. И полските дрва ќе донесуваат плодови, а земјата ќе го даде својот род. И тие ќе живеат мирно во Својата земја, и ќе знаат дека Јас сум Господ, кога ќе ги скршам жезлите на нивниот јарем и кога ќе ги избавам од рацете на оние што ги поробија.
28. И не ќе бидат веќе плен на народите, а ѕверовите веќе не ќе ги јадат лакомо, туку ќе живеат мирно, и никој не ќе ги плаши.