17. А вам, овци Мои, Господ Бог ви зборува вака: „Еве Ме за да судам меѓу овца и овца, меѓу овните и јарците!
18. Зар ви е малку да пасете на добро пасиште, та остатокот од пасењето го газите со нозете?
19. А Моите овци треба да го пасат тоа што вие го изгазивте со нозете, да го пијат тоа, што го замативте со нозете.”
20. Затоа Господ Бог зборува вака: „Еве Ме за да судам меѓу дебелата и слабата овца!
21. Зашто со страните и со плеќите, бодејќи со роговите, ги туркавте мршавите овци додека не ги истуркавте.
22. Јас ќе ги избавам Моите овци, за да не бидат веќе плен, и ќе судам меѓу овца и овца.
23. Ќе им поставам еден Пастир, кој ќе ги пасе, Мојот слуга Давид; Тој самиот ќе ги пасе и ќе им биде Пастир,
24. а Јас, Господ, ќе бидам нивни Бог, и Мојот слуга Давид ќе им биде Кнез посред нив. Јас, Господ реков!
25. И ќе склучам со нив Завет на мир, и ќе ги отстранам од земјата сите диви ѕверови, и ќе живеат мирно во пустината и ќе спијат по горите.
26. Ќе ги направам благослов нив и сите околу Мојот Рид и ќе им дадам дожд на време, и тоа ќе биде дожд на благослов.
27. И полските дрва ќе донесуваат плодови, а земјата ќе го даде својот род. И тие ќе живеат мирно во Својата земја, и ќе знаат дека Јас сум Господ, кога ќе ги скршам жезлите на нивниот јарем и кога ќе ги избавам од рацете на оние што ги поробија.
28. И не ќе бидат веќе плен на народите, а ѕверовите веќе не ќе ги јадат лакомо, туку ќе живеат мирно, и никој не ќе ги плаши.
29. И ќе направам да станат бујни нивните славни садници, и гладот веќе не ќе ги сотира во земјата, веќе не ќе го поднесуваат срамот на народите.