Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 46:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Господ Бог зборува вака: „Вратата на внатрешниот двор, што гледа кон исток, нека биде затворена шест работни денови, а нека биде отворувана во саботниот ден; и нека биде отворувана во денот на младата месечина.

2. Кнезот нека влегува низ нивниот трем и нека застане кај довратникот; тогаш свештениците ќе ги принесат неговата паленица и жртва благодарница, а тој ќе се поклони при прагот на вратата и ќе излезе. Вратата нека не се затворува до вечер.

3. При влезот на истата врата во сабота и при млада месечина, народот на земјата ќе Му се поклонува на Господа.

4. Паленицата што кнезот ќе му ја принесува на Господа, во сабота, нека биде: шест јагниња без недостаток, овен без недостаток.

5. А лебниот принос нека биде по ефа на овен, а на јагнето колку и како кој може и по ин масло на ефа.

6. Во денот на млада месечина нека бидат принесени: јунец без недостаток, шест јагниња и овен без недостаток.

7. А за лебниот принос нека се принесе по ефа на јунецот, по ефа на овен, и по ин масло на ефа.

8. Кога кнезот ќе влегува, нека влегува низ тремот на вратата и нека излегува по истиот пат.

9. А кога народот на земјата ќе доаѓа во празниците пред Господа оној кој ќе влезе низ северната врата за да се поклони, нека излезе низ јужната, а кој ќе влезе низ јужната, нека излезе низ северната; нека не се враќа кон вратата низ која што влегол, туку нека излезе низ спротивната.

10. И кнезот нека биде со нив: кога ќе влегуваат тие, нека влезе и тој и нека излезе кога ќе излегуваат тие.

11. На празниците и на свечените денови нека се принесува лебен принос по ефа на јунец и по ефа на овен, а на јагне колку кој може и по ин масло на ефа.

12. Кога кнезот ќе сака да Му принесе доброволна паленица или доброволна жртва благодарница на Господа, нека му ја отворат вратата што гледа кон исток, па нека ја принесе паленицата и својата жртва благодарница како во саботен ден; потоа нека излезе а кога ќе излезе, вратата нека се затвори.

13. Секој ден ќе Му принесуваш на Господа за паленица јагне годиначе, без недостаток; ќе го принесуваш секое утро.

14. А лебниот принос со него принесувај го секое утро по шестина ефа и по третина ин масло, за да се попрска брашното; тоа нека Му биде лебен принос на Господа според вечна уредба.

Прочитајте целосна глава Езекиел 46