Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 7:9-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. И Моите очи не ќе те пожалат, нема да ти се смилувам, туку ќе ти платам според твоите патишта, и твоите гнасности ќе останат во тебе! И ќе сознаете дека Јас Сум Господ, Кој удира.

10. Еве, еве денот доаѓа, те очекува, прачката веќе цвета и гордоста распапува,

11. а насилството се подига како жезло на безбожноста! И никој не ќе остане од нив, никој од нивното мноштво. Ништо од нивниот шум, нема вредност во нив.

12. Времето доаѓа, денот наближува! Кој купува нека не се радува, а кој продава, нека не тагува, зашто гневот се излева врз сето негово богатство.

13. Зашто кој ќе продаде нема да добие повеќе бидејќи продал, и никој нема да го зајакне животот со беззаконие!

14. Трубите трубат и сè е приготвено, но никој не тргнува во борба, зашто Мојот гнев се излева врз сето нивно мноштво.

15. Надвор - меч а внатре - помор и глад! И кој е во полето, ќе загине од меч, а кој е во градот, гладот и поморот ќе го уништат.

16. Кои ќе избегаат ќе се засолнат во горите како долински гулаби, а Јас ќе ги истребам сите, секого заради неговото беззаконие,

17. и сите раце ќе ослабеат и сите колена ќе се затресат како вода.

18. Ќе се облечат во вреќишта, трепет ќе ги опфати, срамот ќе ги покрие сите лица, сите глави ќе останат без коса!

19. Своето сребро ќе го исфрлат по улиците, а златото ќе им биде како ѓубре, во денот на Господовиот гнев не ќе ги избават ни среброто ни златото, не ќе можат да им ги ситат душите ниту да им ги наполнат желудниците, зашто се сопнаа врз тоа за грев.

20. Се возгордеа заради својот прекрасен накит; направија кипови од него - грозности и гнасности свои: затоа им го претворив во нечистотија.

21. Ќе го дадам во рацете на туѓинците за да го запленат, за да го разграбаат и за да го обесветат.

22. Ќе го одвратам од нив Моето лице: и Мојата светина нека се обесветува само нека влезат во неа провалниците и нека ја обесчестат!

Прочитајте целосна глава Езекиел 7