Стар Завет

Нов Завет

Исаија 14:2-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. Самите народи ќе дојдат по нив и ќе ги одведат во нивниот крај, а Израелевиот Дом ќе ги наследи нив во Господовата земја како слуги и слугинки. И ќе ги заробат оние кои ги пленија нив, и ќе господарат над своите угнетувачи.

3. Во денот кога Господ ќе ти даде да починеш од своите страдања, немири и од тешкото робување со кои те притиснаа,

4. ќе му ја запееш оваа пословица на вавилонскиот цар: „Како го снема насилникот? Како исчезна угнетувањето?

5. Господ го скрши злосторничкиот стап и владетелското жезло

6. што бесно ги биеше народите со удари без крај, што владееше гневно над народите, прогонувајќи ги без милост.

7. Во починка мирува сета земја воскликнувајќи од радост.

8. Чемпресите и ливанските кедри ќе се радуваат над тебе, велејќи: ‘Откако падна, дрвосечачите не доаѓаат веќе да нè сечат!’

9. Заради тебе се возбуди Подземјето за да те пречека кога ќе дојдеш. Во твоја чест, тоа ги разбудува сенките, сите земни насилници, тоа ги крева од престолите сите цареви на народите.

10. Сите тие ќе ти прозборуваат: ‘И ти си скршен како нас, стана сличен со нас.

11. Твојата гордост се сурна во Подземјето, и вревата на твоите харфи; под тебе е легло на гнилеж, а црвите се твоја покривка.’

12. Како падна од небото Деницо (Светлоносецу), сине Зорин? Како ли си симнат на земјата ти, угнетувачу на народите?

13. Зборуваше во своето срце: ‘Ќе се искачам на небесата, над Божјите ѕвезди ќе си издигнам престол за себе. На собирната гора ќе престолувам, на краен север.

14. Ќе се искачам во облачните висини, ќе бидам еднаков со Сèвишниот.’

15. А се сруши во Подземјето, во длабочините на пропаста!

16. Кои те видоа, те набљудуваат и размислуваат за тебе: ‘Дали е ова човекот кој ја тресеше земјата и ги разнишуваше царствата,

17. кој го претворуваше светот во пустина и на земјата ги срамнуваше градовите, кој никогаш не ги пушташе дома своите заробеници?’

18. Царевите на народите почиваат сите во чест, секој во својата гробница.

19. А ти си исфрлен и од гробот, како одвратен смет, покриен со заклани, со прободени од меч, што се расфрлени по гробните плочи како згазен труп!

20. Не ќе се здружиш со нив во гробот, зашто ја уништи својата земја и го искла својот народ. И довека веќе не ќе се спомнува злосторничкото племе.

21. Подгответе колеж на децата за беззаконијата на нивните татковци, за да не се кренат веќе да ја освојуваат земјата и да не го покријат лицето на светот!”

Прочитајте целосна глава Исаија 14