Стар Завет

Нов Завет

Исаија 2:4-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

4. Тој ќе им биде судија на народите, ќе им суди на многу племиња, кои ќе ги прековат мечевите во плугови, а копјата во српови. Нема повеќе народ да дига меч против народ, ниту ќе се учи веќе на војување.

5. Јаковов доме, дојдете, да одиме во Господовата светлина!

6. Да, Ти го отфрли Својот народ, Јакововиот дом, зашто е полн со вражалци од исток и гатачи како Филистејците, се побратимуваат со туѓинци.

7. Земјата му е полна со сребро и злато, и нема крај на неговото богатство; земјата им е полна со коњи, нема број на неговите коли.

8. Земјата му е преполна со идоли, и тие се поклонуваат пред делото на своите раце, пред она што го направија нивните прсти.

9. Смртникот ќе се наведне, човекот ќе се снизи; не проштавај им.

10. Влези меѓу пештерите, скриј се во правот, пред Господовиот ужас, пред славата на Неговото Величество кога ќе стане да ја растресе земјата.

11. Гордиот поглед ќе биде скршен, и човечкото високоумие ќе биде понижено. Господ ќе се возвиши, Единствено Тој - во оној ден.

12. Да, тоа ќе биде ден на Господа над Војските, против сите горделиви и издигнати, против сите што се возвишуваат, за да ги собори;

13. против сите либански кедри и против сите васански дабови;

14. против сите вишнати гори и против сите издигнати брегови;

15. против секоја висока тврдина, и против сите цврсти ѕидови;

16. против сите тарсиски бродови, и против сите раскошни бродови.

17. Човечката гордост ќе падне и човечката висина ќе се понижи. Господ ќе се возвиши, единствено Тој - во оној ден,

18. и идолите на нечистите божества ќе ги снема без трага.

Прочитајте целосна глава Исаија 2