Стар Завет

Нов Завет

Исаија 28:14-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. Затоа чујте го Господовото слово, вие потсмевачи, вие што владеете со овој народ, што е во Ерусалим.

15. Вие велите: „Склучивме сојуз со смртта и направивме спогодба со Подземјето. Кога ќе помине разурнувачкиот бич, не, нема да нè фатат, зашто од лагата си направивме засолниште и од измамата скривалиште.”

16. Затоа Господ Бог зборува вака: „Еве, поставувам одбран камен на Сион, скапоцен камен аголен, основник. Оној кој верува во него, не ќе пропадне.

17. И ќе ја земам правината за мерка, а правдата за мерилка.” И градот ќе ви го смете засолништето од лагата, а водата ќе ви го наводни скривалиштето;

18. ќе пропадне вашиот сојуз со смртта, вашата спогодба со Подземјето не ќе се додржи. Кога ќе помине разурнувачкиот бич, ќе ве сотре;

19. кога и да помине, ќе ве дофати; ќе поминува секое утро, дење и ноќе. И само гласот за него ќе внесува страв.

20. Постелата ќе биде прекуса за да се испружи човек, покривката претесна за да се завитка.

21. Да, како на гората Ферасим, Господ ќе стане, како во Гаваонската Долина, Тој ќе се разјари, за да го изврши Своето дело, чудесно дело, за да го исполни Својот наум, таинствен наум.

22. Откажете се од потсмевањето, за да не ве стегнат оковите посилно; зашто чув дека и е од Господа, од Господа над Воинствата, пресудено уништување на оваа земја.

23. Послушајте го и чујте го мојот глас, прислушнете ја внимателно мојата беседа.

24. Ора ли орачот секој ден, дали отвара бразди, дали влече брана во својата нива?

25. А кога ќе и ја израмни поврвнината, не сее ли грав, не турува ли ким? Пченица каде што треба, просо и јачмен, и најпосле ‘рж по рабовите?

Прочитајте целосна глава Исаија 28