Стар Завет

Нов Завет

Исаија 28:17-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

17. И ќе ја земам правината за мерка, а правдата за мерилка.” И градот ќе ви го смете засолништето од лагата, а водата ќе ви го наводни скривалиштето;

18. ќе пропадне вашиот сојуз со смртта, вашата спогодба со Подземјето не ќе се додржи. Кога ќе помине разурнувачкиот бич, ќе ве сотре;

19. кога и да помине, ќе ве дофати; ќе поминува секое утро, дење и ноќе. И само гласот за него ќе внесува страв.

20. Постелата ќе биде прекуса за да се испружи човек, покривката претесна за да се завитка.

21. Да, како на гората Ферасим, Господ ќе стане, како во Гаваонската Долина, Тој ќе се разјари, за да го изврши Своето дело, чудесно дело, за да го исполни Својот наум, таинствен наум.

22. Откажете се од потсмевањето, за да не ве стегнат оковите посилно; зашто чув дека и е од Господа, од Господа над Воинствата, пресудено уништување на оваа земја.

23. Послушајте го и чујте го мојот глас, прислушнете ја внимателно мојата беседа.

24. Ора ли орачот секој ден, дали отвара бразди, дали влече брана во својата нива?

25. А кога ќе и ја израмни поврвнината, не сее ли грав, не турува ли ким? Пченица каде што треба, просо и јачмен, и најпосле ‘рж по рабовите?

26. Неговиот Господ го упатува, Тој го учи на вистинско дело.

27. Зашто гравот не се врши со брана, не со тркало врз кимот, туку гравот се врши со стап, а кимот се чука со прачка.

28. А дали се дроби житото? Не, не ќе го чукаш довека: врз него ќе спотераш колско тркало и коњи, но не ќе го здробиш.

29. И тоа доаѓа од Господа над Војските, со советот на Прекрасниот со мудроста на Великиот.

Прочитајте целосна глава Исаија 28