Стар Завет

Нов Завет

Исаија 29:9-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Застанете, скаменете се од чудо, ослепете и заслепете се! Пијани се, ама не од вино, се тетерават, ама не од жесток пијалак.

10. Господ излеа на вас дух на премалување, ги затвори вашите очи - пророците, ја прекрши вашата глава - гледачите.

11. Затоа секое видение ќе ви биде како зборови во запечатена книга: ако му биде дадена на некој што знае да чита, велејќи: „Ајде, читај го тоа!” - тој ќе одговори: „Не можам, зашто е запечатена.”

12. А ако му биде дадена на некој што не знае да чита, велејќи: „Читај го тоа!” - тој ќе одговори: „Не знам да читам.”

13. Господ рече: „Бидејќи овој народ Ми пристапува само со устата, и Ме почитува само со усните, а срцето му е далеку од Мене, и неговото почитување научено од човечки одредби,

14. затоа, еве, и натаму ќе постапувам чудно со овој народ - чудно и пречудно: и ќе пропадне мудроста на неговите мудреци, ќе потемнее умноста на неговите умници.”

15. Тешко им на оние што се кријат од Господа, за да ги скријат своите намери, и кои во мрак дејствуваат и зборуваат: „Кој нè гледа и кој нè позна?”

16. Колкаво безумство! Дали се цени глината колку грнчарот, па делото да му рече на својот творец: „Тој не ме направи?” Или грнецот да му рече на грнчарот: „Тој не разбира ништо?”

17. Не ќе ли се претвори скоро Ливан во градина, а овошникот да се изроди во гора?

18. И во оној ден глувите ќе го чујат словото на книжниот свиток; очите на слепите, ослободени од мракот и темнината, ќе гледаат.

19. А бедните пак ќе се радуваат во Господа, најбедните ќе Му воскликнуваат на Израелевиот Светец,

20. зашто ќе нема веќе насилници, ќе ги снема потсмевачите, ќе бидат истребени сите кои смислуваат зло:

21. оние кои ги обвинуваат другите со зборови, оние кои поставуваат стапица на вратата на судијата и за ништо го соборуваат праведникот.

Прочитајте целосна глава Исаија 29