Стар Завет

Нов Завет

Исаија 30:1-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Тешко им на одметничките синови! Господ говори: „Тие спроведуваат основи што не се Мои, склучуваат сојузи што не се по Мојот Дух и натрупуваат грев на грев.

2. Се запатија во Египет, не прашувајќи ја Мојата уста, за да прибегнат при фараоновото засолниште и за да се заштитат во сенката на Египет.

3. Фараоновото засолниште ќе ви биде за срам, и за срамота заштитата во сенката на Египет.

4. Ене ги неговите кнезови веќе во Соан, пратениците стигнаа во Ханес:

5. сите тие ќе се разочараат во неполезниот народ, не ќе им биде на помош ниту во полза, туку за срам и срамота.”

6. Пророштво за негевските животни: Низ земјата на неволја и беда, на лавицата и лавот што рика, на лутицата и на крилестиот змев, тие го носат богатството на плеќите на ослињата, и сокровиштата на грбот на камилата, им го носат на неполезниот народ.

7. Зашто е суетна и ништожна помошта на Египет затоа и го наречувам: Рахав - самофалец, кој само седи.

8. Сега напиши на даска и запиши во книжен свиток, за да им остане сведоштво на идните времиња.

9. Ова е непокорен народ, лажливи синови, синови кои не сакаат да го слушаат Господовиот Закон.

10. На гледачите тие им велат: „Откажете се од гледањето!” а на пророците: „Не пророкувајте ја вистината! Претскажувајте што ни е пријатно, пророкувајте ни предвидувања!

11. Свртите од патот, отклонете се од патеката, отстранете ни го од пред очи Израелевиот Светец!”

12. Затоа вака вели Израелевиот Светец: „Зашто го отфрлате ова слово, а се надевате на нечесност и измама, и се потпирате врз нив,

Прочитајте целосна глава Исаија 30