Стар Завет

Нов Завет

Исаија 30:16-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

16. Рековте: „Не! Ќе избегаме на коњите!” - и затоа, ќе бегате! „Ќе јаваме на брзи коњи!” - и затоа, вашите непријатели ќе бидат побрзи!

17. Ќе избегате илјада од вас кога еден ќе ви се закани, ако ви се заканат петмина ќе се нафрлите во бегање додека не остане од вас како разголено дрво на врвот на гората или како знаме на брег.

18. Но Господ чека час за да ви се смилува, и по таа причина да ви искаже милост, зашто Господ е праведен Бог - блазе им на сите кои Го чекаат Него.

19. Да, сионски народе, кој живееш во Ерусалим, не плачи веќе! Штом го чуе твојот пискот, веднаш ќе ти се смили; штом ќе те чуе, ќе те послуша.

20. Господ ќе ве храни со лебот на тешкотијата, ќе ве пои со вода на неволјата, но веќе нема да се крие твојот Учител - очите ќе ти Го гледаат твојот Учител.

21. И твоите уши ќе чујат слово како зборува зад тебе: „Тоа е патот, одете по него”, било да тргнувате надесно или налево.

22. Ќе ги сметаш за нечисти своите сребрени ликови; ќе ги отфрлиш како нечистота и ќе им речеш: „Надвор!”

23. А Тој ќе му даде дожд на твоето семе што ќе го посееш во земјата, и лебот што ќе го роди земјата ќе биде во изобилство и хранлив. Во оној ден, твојот добиток ќе пасе по широки пасишта.

24. Воловите и ослиците што ја обработуваат земјата ќе јадат посолена крма, веана со лопата и веалка.

25. И на секоја гора и на секој возвишен брег ќе има потоци и рекички - во денот на силниот колеж кога ќе се уриваат стражарниците.

26. Тогаш светлината на месечината ќе биде како сончевата светлина, а сончевата светлина ќе стане седумпати посилна, како светлината на седум денови - во денот кога Господ ќе го излечи скршеното, кога ќе ги излечи раните од Своите удари.

27. Ете, Името на Господа доаѓа оддалеку, Неговиот гнев гори, димот е неиздржлив. усните Му се полни со јарост, јазикот Му е оган што голта.

Прочитајте целосна глава Исаија 30