Стар Завет

Нов Завет

Исаија 33:5-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

5. Господ е возвишен зашто престолува во висината, Тој го исполнува Сион со правосудство и со правда.

6. Надежен е твојот век: Мудроста и знаењето се спасоносно благо, а Господовиот страв негово богатство.

7. Ете, жителите на Ариел, викаат по улиците, гласници мироносци плачат горчливо.

8. Патеките запустеа, ги снема патниците од патиштата; сојузите се раскинуваат, ги презираат сведоците, нема обѕир кон никого.

9. Земјата гине во жалост, Ливан венее во срам. Сарон е како пустина, Васон и Кармел оголеа.

10. „Сега ќе станам - вели Господ - сега ќе се кренам, сега ќе се возвишам.

11. Зачнавте сено, ќе родите слама здивот ваш е како оган, ќе ве голтне.

12. Народите ќе бидат изгорени во вар, како отсечени трња, што горат во оган.

13. Чујте, вие кои сте далеку, што направив, а вие кои сте близу познајте Ми ја силата!”

14. Грешниците треперат на Сион, трепет ги обзеде безбожниците: „Кој ќе опстане од нас пред уништувачкиот оган, кој ќе опстане од нас пред вечниот пламен?”

15. Оној кој оди во правда и кој зборува право, кој ја презира печалбата од насилство, кој ги тресе рацете за да не прими поткуп, кој ги затнува ушите за да не чуе за крвопролевањата, кој ги затвора очите за да не види зло -

16. тој ќе живее во висините, тврдини врз карпи ќе му бидат прибежишта, ќе има доста леб и водите не ќе му недостасуваат.

17. Твоите очи ќе го гледаат царот во неговата убавина, ќе ја разгледуваат непрегледната земја.

18. Твоето срце ќе мисли во страв: „Каде е оној што броеше, каде е оној што мереше, каде е оној што ги пребројуваше стражарниците?”

19. Не ќе видиш веќе свиреп народ, народ со неразбирлив и со несфатлив говор, туѓ јазик што никој не го разбира.

20. Погледај на Сион, на градот на нашите празници: твоите очи ќе го видат Ерусалим, заштитено престојувалиште, шатор што не се пренесува, чии колчиња никогаш не се вадат, и ниту едно јаже не му се кине.

21. Таму ни е силниот Господ; место на широки реки и потоци; не ќе помине оттаму ниеден брод ни весла, ниту некој воен брод ќе проедри.

Прочитајте целосна глава Исаија 33