Стар Завет

Нов Завет

Исаија 36:1-10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во четиринаесеттата година на Езекиевото царување асирскиот цар Сенахир ги нападна сите утврдени јудејски градови и ги освои.

2. И асирскиот цар му го испрати од Лахис во Ерусалим при царот Езекија, големиот виноцрпец со силна војска. Тој застана кај водоводот на Горниот Рибник, на патот на Валавичарското Поле.

3. Кон него излегоа управителот на дворецот Елијаким, син Хелкиин, писарот Шевна и советникот Јоах, син Асафов.

4. Големиот пехарник им рече: „Кажете му на Езекија: ‘Вака зборува големиот цар, асирскиот цар: „Каква е таа надеж во која се надеваш?

5. Мислиш ли дека празните зборови веќе се совет и силаза војна? Во кого се надеваш што се побуни против мене?

6. Ете, се потпираш на Египет, на скршената трска што продрува и ја продупчува дланката на оној кој ќе се потпре на неа.

7. Можеби ќе ми одговорите: ‘Се надеваме во Господа, својот Бог.’ Но нели Езекија и Нему Му ги отстрани високите места, жртвениците и им заповеда на Јудејците и на Ерусалим: ‘Поклонувајте се само пред овој жртвеник!’”‘

8. И така, обложи се со мојот господар, асирскиот цар: ќе ти дадам две илјади коњи ако можеш да најдеш јавачи за нив.

9. Како ќе му дадеш отпор тогаш на еден единствен од најмалите слуги на мојот господар? Но ти се надеваш во Египет дека ќе ти даде коли и коњаници!

10. Најпосле, зар јас тргнав, без оглед на Божјата волја, тргнав против оваа земја за да ја разурнам? Самиот Господ ми рече: ‘Оди против таа земја и разурни ја!’”

Прочитајте целосна глава Исаија 36