Стар Завет

Нов Завет

Исаија 36:9-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Како ќе му дадеш отпор тогаш на еден единствен од најмалите слуги на мојот господар? Но ти се надеваш во Египет дека ќе ти даде коли и коњаници!

10. Најпосле, зар јас тргнав, без оглед на Божјата волја, тргнав против оваа земја за да ја разурнам? Самиот Господ ми рече: ‘Оди против таа земја и разурни ја!’”

11. Елијаким, Сомна и Јоах му рекоа на големиот виноцрпец: „Те молиме, зборувај им арамејски на своите слуги, зашто ние разбираме; не зборувај со нас на јудејски да не чуе народот што е на ѕидовите.”

12. Но големиот виноцрпец им одговори: „Зар мојот господар ме испрати да ви го речам ова на твојот господар и тебе, а не токму на оние луѓе кои седат на ѕидовите, осудени со вас да ја јадат својата нечистота и да ја пијат својата моч?”

13. Тогаш големиот виноцрпец се исправи и со сиот глас ги извика овие зборови: „Чујте го словото на големиот цар, асирскиот цар!

14. Вака вели царот: ‘Езекија нека не ве залажува, зашто не може да ве избави од мојата рака.

15. Езекија нека не ве охрабрува со надеж во Господа, велејќи: „Господ ќе нè избави без друго: овој град нема да падне во рацете на асирскиот цар.”

16. ‘ Склучете мир со мене, предајте ми се, па секој нека ги јаде плодовите од своето лозје и од својата смоква, и нека пие вода од својот кладенец,

17. додека не дојдам и не ве одведам во земја што е како вашата, во земја со жито и вино, во земја со леб и лозја.

18. Не оставајте да ве измами Езекија велејќи ви: „Господ ќе ве избави.” Дали боговите на другите народи ги избавија своите земји од рацете на асирскиот цар?

19. Каде се ематските и арфадските богови за да ја избават Самарија од моите раце?

Прочитајте целосна глава Исаија 36