Стар Завет

Нов Завет

Исаија 45:4-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

4. Заради Својот слуга Јаков и Израел, Својот избраник, Јас те повикав по име, те именував иако не Ме знаеше.

5. Јас Сум Господ и нема друг; нема Бог освен Мене. Иако не Ме познаваш, те вооружав:

6. нека се знае од исток до запад дека сè вон Мене е ништавило. Јас Сум Господ и нема друг;

7. Јас ја творам светлината и ја создавам темнината. Јас ја создавам среќата и ја доведувам бедата, Јас, Господ, го правам сè тоа.’

8. Росете, небеса, одозгора, и облаци, дождете со праведност. Нека се раствори земјата за да процвета спасението, за да изникне избавувањето! Јас, Господ, создавам сè.

9. Тешко му на оној кој се расправа со својот Творец, а е сад меѓу глинени садови? Дали му вели глината на грнчарот: ‘Што правиш?’ или неговото дело: ‘Нема раце!’

10. Тешко му на оној кој ќе му рече на таткото: ‘Зошто раѓаш?’ Или на жената: ‘Што си дала на свет?’”

11. Вака зборува Господ, Израелевиот Светец, неговиот Творец: „Зар е ваше да Ме прашувате за Моите деца, и да Ми заповедате за делото на Моите раце?

12. Јас ја направив земјата и го создадов човекот на неа; со Своите раце ги оптегнав небесата и им заповедувам на сите нивни воинства.

13. Јас го издигнав за да победи и му ги израмнив сите патишта. Тој ќе го обнови Мојот град и ќе ги врати Моите заробеници без откуп и надомест.” Така вели Господ над Војските.

14. Господ зборува вака: „Трудот на Египет и трговијата на Етиопија, и Савците, луѓе со висок раст, ќе пребегнат при тебе и ќе бидат твои; ќе идат по тебе оковани, ќе ти се клањаат тебе и ќе ти се молат: ‘Бог е единствено кај тебе, нема друг.’”

15. Навистина Ти си скриен Бог, Израелев Бог, Спасител.

16. Ќе се засрамат и ќе се збунат сите заедно, ќе си отидат засрамени, оние кои прават кипови.

17. А Господ ќе го спаси Израел со вечно спасение. Нема да се засрамите и не ќе се смутите довека.

18. Да, вака зборува Господ, Творецот на небесата - Тој е Бог - Кој ја вообличи и ја создаде земјата, Кој ја зацврсти и не ја создаде пуста, туку ја вообличи за живеење: „Јас Сум Господ и нема друг.

19. Не говорев во тајност, во катчето на мрачната земја. Не му реков на Јакововото потомство: ‘Барајте Ме напразно.’ Јас, Господ, зборувам правда ја откривам вистината.

20. Соберете се и дојдете, пристапите заедно, сите преживеани од народот! Вистински неуки се оние што носат кип изработен од дрво и кои молат бог што не може да ги спаси.

21. Објавете, изнесете ги своите докази, советувајте се заедно: Кој го навести тоа од старини и Кој прорече оттогаш? Не Јас ли, Господ? Нема друг Бог освен Мене; праведен Бог и Спасител нема освен Мене.

22. Обратете се кон Мене за да се спасите, сите краишта на земјата, зашто Јас Сум Бог и нема друг!

Прочитајте целосна глава Исаија 45