Стар Завет

Нов Завет

Исаија 49:6-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. И ми рече: ‘Премалку е да Ми бидеш слуга, за да ги подигнеш Јакововите племиња и за да го вратиш Израелевиот Остаток, но ќе те поставам за светлина на народите, за да го донесеш Моето спасение до крајот на земјата.’”

7. Вака зборува Господ, Израелевиот Искупител, неговиот Светец, на оној кого го презираат и го отфрлаат народите, на силниот слуга: „Кога ќе видат, ќе се кренат царевите, ќе се фрлат ничкум кнезовите, заради Господа, Кој ја покажа Својата верност, Израелевиот Светец, Кој те избра.”

8. Господ зборува вака: „Во времето на милоста Јас ќе те послушам, во денот на спасението Јас ќе ти помогнам. Те создадов и те поставив за Завет на народот, за да ја востановам земјата, за да го разделам наново запустеното наследство,

9. за да им кажам на заслужените: ‘Излезете!’ а на оние кои се во темнина: ‘Јавете се!’ Тие ќе пасат вдолж на сите патишта и пасиштата ќе им бидат по сите голи височини.

10. Веќе нема да гладуваат и да жеднеат, не ќе ги мачат жегата ни сонцето, зашто ќе ги води Оној, Кој им се смилува, ќе ги доведе при водните извори.

11. Сите Свои планини ќе ги претвори во патишта и сите Мои патишта ќе се издигнат.

12. Ете, едни доаѓаат од далеку, други од север и од запад, а некои од Синимската Земја.”

13. Воскликнувајте, небеса, весели се земјо, подвикнувајте од веселба планини; зашто Господ го теши Својот народ, Тој им е милостив на страдалниците.

14. Сион рече: „Господ ме остави, Господ ме заборави.”

15. Може ли жена да го заборави своето доенче, да не му се смилува на чедото на својата утроба? Па кога некоја и би заборавила, Јас нема да те заборавам тебе.

16. Ете, те врезав во Своите дланки, твоите ѕидови секогаш Ми се пред очите.

17. Твоите обновувачи итаат, твоите разурнувачи и запустувачи си одат од тебе.

Прочитајте целосна глава Исаија 49