Стар Завет

Нов Завет

Исаија 59:1-13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Не, не е прекратка Господовата рака за да спаси, ниту увото Му заглувна за да не чуе,

2. туку вашите беззаконија создадоа разделба, меѓу вас и вашиот Бог. Вашите гревови го сокрија Неговото лице, и Тој веќе не ве слуша.

3. Зашто вашите раце се облеани со крв, а вашите прсти во злостори. усните ви изговараат лага, а јазикот произнесува неправда.

4. Никој не подига глас за правда, ниту некој се застапува за вистина. Се надеваат во ништожество, кажуваат лага, зачнуваат злоба, а раѓаат беззаконие.

5. Лежат врз змијски јајца, ткаат пајакова мрежа; ако го изеде некој нивното јајце, умира, ако го скрши, од него излегува лутица.

6. Не е можно да се облече нивното ткаење; не можеш да се покриеш со нивната ракотворба. Нивните ракотворби се злосторнички дела, прават насилство со своите раце.

7. Нивните нозе итаат кон злото, и се брзи за да пролеат невина крв. Мислите им се злосторнички мисли, опустувања и пропаст се на нивните патишта.

8. Тие не го познаваат патот на мирот, нема правда на нивните патеки. Ги искривија своите патишта, кој тргнува по нив, не го познава мирот.

9. Затоа правото се оддалечи од нас, затоа правдата не достига до нас. & се надевавме на светлината, а тоа темнина; и на виделото, а тоа одиме во мрак.

10. Пипаме како слепци вдолж по ѕидот, тапкаме како без очи. Се сопнуваме на пладне како во примрак, сосем здрави, како да сме мртви.

11. Сите ‘ржиме како мечки, и стенкаме тажно како гулаби. Го чекавме судот, а него го нема, и спасението - далеку е од нас.

12. Зашто се многу нашите престапи пред Тебе, и нашите гревови сведочат против нас. Навистина, нашите престапи се пред нас, ние ја знаеме нашата вина;

13. се побунивме и Го одрековме Господа, се одметнавме од својот Бог, зборувавме подмолно, одметнички, мрморевме лажливи зборови во срцето.

Прочитајте целосна глава Исаија 59