Стар Завет

Нов Завет

Исаија 66:1-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Господ зборува вака: „Небесата се Мој престол, а земјата подножје на нозете! Каков дом сакате да Ми изградите и каде ќе биде местото на Мојот покој?

2. Па Мојата рака го направи сето тоа, и така сето тоа и настана - објавува Господ. Но кон овој Јас ќе погледнам: кон бедниот и кон човек со поразен дух, кој трепери пред Моето Слово.

3. Кој коле вол, исто е како да убива луѓе; кој жртвува јагне, исто е како да сече врат на куче. Кој принесува жртва, исто е како да принесува свинска крв; кој кади, исто е како да му се моли на идолот. Како што тие ги избраа своите патишта и на душите им се мили нивните гадости.

4. Така и Јас ќе изберам за нив несакани неволји, ќе го пуштам на нив она од што се плашат. Зашто повикував, а никој не се одѕва, зборував, а никој не послуша, туку правеа што е зло во Моите очи, го избраа она што не Ми е по волјата.”

5. Послушајте го Господовото Слово, вие кои треперите од Неговиот Збор: „Зборуваат вашите браќа кои ве мразат и ве отфрлуваат заради Моето Име: ‘Нека се прослави Господ, па да ја видиме вашата радост.’ Но тие ќе бидат засрамени.”

6. Чуј, Врева од градот, глас од Храмот! Тоа е гласот на Господа, Кој им враќа на Своите непријатели.

7. „Пред да почне да се измачува, ете, родила. Пред да ги почувствува породилните болки, породила машко.

8. Кој чул такво нешто, кој видел такво нешто? Може ли земјата да биде населена во еден ден? Дали може народ да се роди одеднаш? А штом ги почувствува болките, Сионката роди синови!

9. Зар би го отворил Јас мајчиното крило а таа да не роди? - зборува Господ. Зар Јас - Кој го давам раѓањето, би ја затворил утробата?” вели твојот Бог.

10. „Веселете се со Ерусалим, воскликнувајте заради него сите кои го љубите! Радувајте се, радувајте се со него, сите кои тажевте над него!

11. Надојте се и наситете се на градите на неговата утеха, за да се напиете и насладите на градите на неговата слава.”

12. Зашто Господ зборува вака: „Еве, ќе го навратам мирот врз нив како река, и како збуен поток богатството на народите. Ќе ги носам на раце неговите доенчиња и ќе ги милувам на колената.

13. Како што мајката го теши синот, така и Јас ќе ве утешам - ќе се утешите во Ерусалим.”

14. Кога ќе го видите тоа, срцето ќе ви се радува, и ќе ви процветаат коските како млада трева. Ќе се пројави Господовата рака на Неговите слуги и гневот над неговите непријатели.

15. Зашто, еве, Господ доаѓа со оган - воената кола Му е како виор - за да го излее Својот гнев во јарост и Своите закани во вжарен оган.

16. Да, Господ ќе му суди со оган и со меч на секој смртник: поразените од Господа ќе бидат мноштво.

17. „Оние кои се посветуваат и се чистат во градините зад оној еден на средина, кои јадат свинско, нечисто и глувци - сите ќе загинат заедно,” говори Господ.

18. „Јас ги познавам добро нивните дела и нивните намери. Доаѓам да ги соберам сите народи и јазици, и тие ќе дојдат и ќе ја видат Мојата Слава!

Прочитајте целосна глава Исаија 66