Стар Завет

Нов Завет

Исус Навин 17:1-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Со жрепка му падна и делот на Манасиевото племе, зашто Манасиј беше Јосифов првенец. На Махир, Манасиевиот првенец, Галадовиот татко - тој беше воин - му припаднаа Галад и Васан.

2. Свој дел добија и другите Манасиеви синови според своите семејства: синовите Авиезерови, синовите Хелекови, синовите Азрилови; синовите Сихемови, синовите Еферови и синовите Семидини. Тоа се машките потомци на Манасиј, Јосифовиот син, според своите семејства.

3. А Салпад, синот Еферов, синот Махиров, синот Манасиев, немаше синови, туку само ќерки. Еве им ги имињата: Мала, Нуја, Егла, Мелха и Терса.

4. Тие дојдоа пред свештеникот Елеазар и пред Исуса, Навиновиот син, и пред главатарите, говорејќи: „Господ му заповеда на Мојсеја да ни се даде и нам наследство меѓу нашите браќа.” И им дадоа по Господовата заповед наследство меѓу браќата на нивниот татко.

5. Така му припаднаа десет делови на Манасиј, освен земјата Галадска и Васанска, што се од онаа страна на Јордан.

6. Манасиевите ќерки добија наследство меѓу своите синови, а галадската земја им припадна на другите Манасиеви синови.

7. Манасиевата меѓа одеше од Асир до Михмет, што лежи спроти Сихем, а потоа свртуваше десно до жителите на Ен-Тафуј.

8. Покраината Тафуј му припаѓаше на Манасиј, но самиот Тафуј на Манасиевата меѓа им припаѓаше на Ефремовите синови.

9. Меѓата влегуваше до потокот Кана. Јужно од потокот беа и овие градови што им припаѓаа на Ефремовите синови од Манасиевите градови; А Манасиевата земја се наоѓаше на север и излегуваше на море.

10. Подрачјето на југ му припаѓаше на Ефрем, на север на Манасиј, а морето им беше меѓа; на север граничеа со Асир, а на исток со Исахар.

11. На Манасиј му припаѓаа во Исахар и во Асир; Вет-Сан со своите села, Ивлеам со своите села, жителите на Дор со своите села, жителите на Мегид со своите села; и така: три подрачја.

12. Но Манасиевите синови не можеа да ги освојат тие градови, и затоа Ханаанците останаа во тој крај.

Прочитајте целосна глава Исус Навин 17