Стар Завет

Нов Завет

Исус Навин 24:7-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. Тогаш извикаа кон Господа, и тој развлече густа магла меѓу нив и Египетците и ги воведе во морето, што ги прекри. Видовте со своите очи што им сторив на Египетците; потоа останавте долго време во пустината.

8. После ве воведов во земјата на Аморејците, кои живеат отаде Јордан. Завојуваа со вас и Јас ги предадов во вашите раце; ја зедовте во наследство нивната земја, зашто Јас ги уништив од пред вас.

9. Тогаш се крена Моавскиот цар Валак, синот Сефоров, за да војува со Израел, и тој го повика Валаама, синот Веоров за да ве проколне.

10. Но Јас не бев волен да го послушам Валаама, и тој ве благослови, и ве спасив од неговата рака.

11. Тогаш поминавте преку Јордан и дојдовте во Ерихон, главатарите на Ерихон поведоа војна против вас - како и Аморејците, Ферезејците, Ханаанците, Хетејците, Гергесејците, Евејците и Евусејците - но Јас ги предадов во вашите раце.

12. Јас испратив пред вас стршели, кои тераа пред вас два аморејски цареви: нема што да им благодариш на својот меч ни на својот лак.

13. Ви дадов земја, за која не се трудевте, и градови, кои не ги градевте, и се населивте во нив; ви дадов и лозја и маслинови градини, што не ги садевте, а денес ве хранат.’

14. И затоа сега бојте се од Господа и служете Му совршено и верно! Одстранете ги боговите на кои им служеа вашите татковци од онаа страна на Реката и во Египет, и служете Му на Господа!

15. Меѓутоа, ако вам не ви е угодно да Му служите на Господа, тогаш денес изберете кому ќе му служите: можеби на боговите на кои им служеа вашите татковци од онаа страна на Реката, или на боговите на Аморејците во чија земја сега престојувате. Јас и мојот дом ќе Му служиме на Господа.”

16. Народот одговри: „Далеку нека е од нас да го оставиме Господа а да им служиме на други богови.

17. Господ, нашиот Бог, нè изведе нас и нашите татковци од Египет, од домот на робувањето, и Тој направи пред наши очи големи чудеса и нè чуваше по целиот пат по кој одевме и меѓу сите народи низ кои поминувавме.

18. Уште повеќе: Господ ги изгони пред нас сите народи, и Аморејците, кои живееја во оваа земја. И ние ќе Му служиме на Господа, зашто е Тој наш Бог.”

19. Тогаш Исус му рече на народот: „Вие не можете да Му служите на Господа, зашто Тој е свет Бог, ревнив Бог, Кој не може да ги поднесе вашите престапи ни вашите гревови.

Прочитајте целосна глава Исус Навин 24