Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 14:20-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. Се смести меѓу египетската војска и израелската војска и им стана на оние темен облак, а на овие им ја осветлуваше ноќта, така што не можеа да им се приближат едни на другите цела ноќ.

21. Мојсеј ја држеше раката протегната над морето, додека Господ, цела ноќ, ги валаше водите со силен источен ветер и го пресуши морето. Кога водите се раздвоија,

22. Израелците слегоа во морето на исушеното дно, а водите стоеја како прегради оддесно и одлево.

23. Египетците: сите фараонови коњи, колите и коњаниците, навлегоа по нив во морето, во потера.

24. При утринската стража, Господ погледна од огнениот и облачниот столб на египетската војска и создаде смут во неа.

25. Ги закочи тркалата на нивните коли, така што едвај се движеа напред. „Да бегаме од Израелците! - извикаа Египетците - зашто Господ се бори за нив против Египетците!” Тогаш Господ му рече на Мојсеја:

26. „Протегни ја раката над морето, за да се вратат водите врз Египетците, врз нивните коли и коњаници.”

27. Мојсеј ја испружи раката над морето, и во самите мугри морето се врати во своето корито. Бидејќи Египетците, бегајќи, трчаа кон морето, Господ ги фрли главечки среде водите.

28. Така водите, слевајќи се назад, ги потопија колите, коњаниците, и целата фараонова војска, што беше тргнала во потера по Израелците во морето. И не остана ниту еден од нив.

29. А Израелците одеа по суво среде морето, водата им стоеше како ѕид оддесно и одлево.

30. Така Господ, во оној ден, го избави Израел од египетските раце, и Израел ги виде Египетците мртви на морскиот брег.

31. Израел ја виде големата сила што Господ ја покажа над Египетците. Народот се исплаши од Господа, и им поверува на Господа и на неговиот слуга Мојсеј.

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 14