Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 39:23-38 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

23. Во средината на наметката имаше прорез како отвор на оклоп, разрез опшиен наоколу, за да не се скине наметката.

24. На долниот раб на наметката направија калинки од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен.

25. А направија и ѕвончиња од чисто злато, па ѕвончињата ги врзаа меѓу калинките; сè наоколу во долниот раб на наметката меѓу калинките:

26. ѕвонче па калинкин цвет, ѕвонче па калинкин цвет околу долниот раб на наметката за вршење на служба, како што Господ му нареди на Мојсеја.

27. Потоа од исткаен лен направија кошули за Арона и за неговите синови;

28. а направија и капа од лен и капчиња од лен; направија платнени гаќи од препреден лен.

29. И појасите беа од препреден лен и од љубичесто, црвено и темноцрвено предено, извезани, како што Господ му нареди на Мојсеја.

30. Направија и плоча, свет венец, од чисто злато, и врз неа врежан натпис како што се врезува на печатен прстен: „Посветен на Господа.”

31. За неа приврзаа сина врвца, за да можат да ја врзат на врвот на капата, како што Господ му нареди на Мојсеја.

32. Така беа завршени сите работи на Шаторот на средбата. Израелците направија сè онака како што Господ му нареди на Мојсеја да направат.

33. Тогаш му ги донесоа на Мојсеја: Шаторот и сиот негов прибор: неговите куки, неговите даски, неговите лостови, неговите столбови и неговите подножја;

34. покрив од направени црвени овновски кожи, покрив од јазовечки кожи, завесата за засолнување;

35. Ковчегот на сведоштвото со неговите ластегарки и Очистилиштето;

36. столот и сиот негов прибор, принесените лебови,

37. светилникот од чисто злато со неговите светилки - светилки веќе ставени во ред - и сиот негов прибор - и масло за осветление;

38. златен жртвеник, миро за помазание, благомиризлив темјан и завесата за влезот во Шаторот;

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 39