7. Нечесните се сосипуваат и веќе ги нема, а домот на праведникот останува.
8. Човекот бидува пофалуван според остроумноста на својот разум, а опакиот во срцето ќе биде презрен.
9. Подобро е да бидеш мал и да имаш само еден слуга, отколку да се издигаш, а да немаш ни леб.
10. Праведникот внимава и на животот на својот добиток, додека на нечесниот срцето му е свирепо.
11. Кој ја обработува својата земја, наситен е со леб, а кој трча по суетата, неразумен е.
12. Копнежот на нечесниот е мрежа од зло, а коренот на праведникот дава плод.
13. На нечесниот стапица му е гревот на неговата уста, а праведникот се избавува од беда.
14. Од плодот на својата уста секој ќе се насити изобилно, а она што го направил со рацете, ќе му се врати.
15. На лудиот му се чини прав неговиот пат, а мудриот човек слуша совети.
16. Безумникот веднаш го покажува својот бес, а умниот го покрива срамот.
17. Кој говори вистина, открива што е право, а лажниот сведок - измамата.
18. Невнимателниот зборува како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е исцелување.
19. Вистинита уста трае довека, а лажливиот јазик само за миг.