Стар Завет

Нов Завет

Изреки 17:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Подобро е залаг сув леб во мир, отколку куќа со расправии, полна со печена жртва.

2. Разумниот слуга владее над синот на срамот и ќе дели наследството со браќата.

3. Топилницата е за сребро, а печката за златото, а самиот Господ го испитува срцето.

4. Злочинецот ги слуша лажливите усни, а лажливецот го прислушкува погубувачкиот јазик.

5. Кој му се потсмевнува на сиромашниот, Му се потсмевнува на неговиот Создател, и кој се радува на несреќата, не останува без казна.

6. Внучињата се венец на старците, а синовите се слава на нивните татковци.

7. Не му прилега на лудиот возвишена беседа, а уште помалку на началникот лажливи усни.

8. Подарокот е драгоцен камен во очите на оној што го дава: каде и да се заврти, успева.

9. Кој го прикрива престапот, бара љубов, а кој шири клеветнички гласови, ги скарува и најинтимните пријателите.

10. Изобличувањето го притиска разумниот повеќе, отколку сто удари безумниот.

11. Лошиот човек оди сам по злото, но жесток гласник се испраќа против него.

12. Подобро е да нагазиш на мечка, чии мечиња се грабнати, отколку на безумник во неговата лудост.

13. Кој враќа зло за добро, не ќе ја отстрани несреќата од својот дом.

14. Започнувањето на караница е исто како да се пушти поплава, и затоа пред да избувне караница оддалечи се!

Прочитајте целосна глава Изреки 17