Стар Завет

Нов Завет

Изреки 18:1-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Себичниот ја сака само својата желба; и се противи на секое здраво расудување.

2. Глупецот нема наслада во знаењето, нему му е само да си го искажува срцето.

3. Кога доаѓа нечесниот, доаѓа и презирот, а со нечесноста доаѓа прекорот.

4. Зборовите од човечката уста се длабоки води, извор на мудрост - порој што се разлива.

5. Не е добро: да се обѕира на нечесна личност, да му се нанесе неправда на праведникот во судот.

6. Безумниковите усни се впуштаат во препирки, и неговата усна предизвикува удари.

7. Сопствената уста е пропаст за безумниот, и усните му се примка за неговата душа.

8. Клеветниковите зборови се како слатки: се спуштаат до дното на утробата.

9. Кој е негрижлив во својата работа брат му е на расипникот.

10. Господовото име е цврста кула: праведникот прибегнува кон него и наоѓа засолниште.

11. Имотот на богатиот е утврден град, и како висок ѕид во неговото мечтаење.

12. Пред загинувањето се гордее човековото срце, а пред славата оди смиреноста.

13. Кој одговара пред да чуе, тоа му е лудост и срам.

14. Кога е човекот болен неговиот дух го подига, а поразениот дух, кој може да го подигне?

15. Разумното срце придобива знаење, и увото на мудрите бара знаење.

16. Подарокот му отвора пат на човекот и го води пред големците.

17. Кој прв го заштитува своето дело се чини дека е прав, а кога ќе дојде неговиот сосед го испитува.

Прочитајте целосна глава Изреки 18