Стар Завет

Нов Завет

Левит (3 Moj.) 16:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. По смртта на двајцата Аронови синови, кои загинаа принесувајќи му на Господа непосветен оган, Господ му проговори на Мојсеја:

2. Господ му рече на Мојсеја: „Кажи му на брата си Арона да не влегува во секое време во Светилиштето зад завесата, пред Очистилиштето, што е врз ковчегот за да не загине. Зашто Јас ќе се појавувам над Капакот во облак.

3. Арон нека влегува во Светилиштето вака: со јунец за принос за грев и со овен за паленица.

4. Нека се облече во осветен ленен хитон-кошула; нека облече ленени гаќи на своето тело; нека се препаше со ленен појас, а на главата нека стави ленена митра-капа. Тоа се свети облеки, што ќе ги облече откако ќе се искапе во вода.

5. И нека прими од Израелевата заедница: два јарци за принос за грев и еден овен за паленица.”

6. „Откако Арон ќе го принесе јунецот за принос за грев за себе и ќе направи покривање на гревот за себеси и својот дом,

7. нека ги земе двата јарци и нека ги стави пред Господа при влезот во Шаторот на средбата.

8. Арон нека фрли жрепка за двата јарци и нека го одреди едниот со жрепка за Господа, а другиот за отпуштање.

9. Арон нека го принесе за жртва за грев јарецот, на кого жрепката падна да биде Господов.

10. А јарецот на кого жрепката падна да биде за отпуштање, нека биде поставен жив пред Господа, за да биде извршено покривање на гревот со него и за да биде испратен во пустината за отпуштување, (и за да ги понесе на себе нивните безаконија во непроодна земја).

11. „Потоа Арон нека приведе јунец за принос за грев за себе и нека направи покривање на гревот за себеси и својот дом; и нека го заколе јунецот како жртва за грев за себе.

12. Потоа нека земе кадилница, полна со вжарени јаглења од жртвеникот, што е пред Господа, и два полни грста благомирислив темјан, истолчен во прав. Нека го внесе тоа зад завесата.

13. Сега нека го стави темјанот во огнот пред Господа, за димот од темјан да го покрие Капакот над Сведоштвото. Така нема да загине.

14. Потоа нека земе крв од јунецот и нека ја попрска, со својот прст, источната страна на Капакот; а пред Капакот нека попрска со својот прст седум пати со крвта.

15. Потоа нека го заколе јарецот за принос за грев за народот; нека ја внесе неговата крв зад завесата и нека направи со неговата крв како што сторил со крвта од јунецот: нека попрска со неа по Капакот и пред него.

Прочитајте целосна глава Левит (3 Moj.) 16