Стар Завет

Нов Завет

Левит (3 Moj.) 16:11-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. „Потоа Арон нека приведе јунец за принос за грев за себе и нека направи покривање на гревот за себеси и својот дом; и нека го заколе јунецот како жртва за грев за себе.

12. Потоа нека земе кадилница, полна со вжарени јаглења од жртвеникот, што е пред Господа, и два полни грста благомирислив темјан, истолчен во прав. Нека го внесе тоа зад завесата.

13. Сега нека го стави темјанот во огнот пред Господа, за димот од темјан да го покрие Капакот над Сведоштвото. Така нема да загине.

14. Потоа нека земе крв од јунецот и нека ја попрска, со својот прст, источната страна на Капакот; а пред Капакот нека попрска со својот прст седум пати со крвта.

15. Потоа нека го заколе јарецот за принос за грев за народот; нека ја внесе неговата крв зад завесата и нека направи со неговата крв како што сторил со крвта од јунецот: нека попрска со неа по Капакот и пред него.

16. И ќе го покрие од грев Светилиштето заради нечистотиите на Израелевите синови и од нивните престапи, во сите нивни гревови. А така нека направи и за Шаторот на средбата што се наоѓа среде нив, меѓу нивните нечистотии.

17. Кога тој ќе влезе да го очистува Светилиштето, нека нема никој друг во Шаторот на средбата додека не излезе тој. Откако ќе го изврши очистувањето за себе, за својот дом и за целото Израелско општество,

18. нека отиде кон жртвеникот што се наоѓа пред Господа и нека го очисти, па нека земе крв од јунецот и крв од јарецот и нека ја положи на роговите на жртвеникот од сите страни.

19. Нека го попрска жртвеникот, со својот прст, од истата крв седум пати. Така ќе го очисти, и ќе го освети, од нечистотиите на Израелевите синови.”

20. „Кога ќе го сврши очистувањето на Светилиштето, Шаторот на средбата и жртвеникот, нека го приведе живиот јарец.

21. Арон нека ги стави своите раце на главата на живиот јарец и нека ги исповеда над него сите беззаконија на Израелците, сите нивни престапи и сите нивни гревови. Откако ќе ги положи така на главата на јарецот, нека го испрати во пустината преку раката на определениот човек за тоа.

22. Така јарецот ќе ги однесе со себе сите нивни беззаконија во непроодна земја и тој нека го пушти јарецот во пустина.”

23. „А Арон нека влезе во Шаторот на средбата, нека ги соблече од себе ленените облеки, во кои беше облечен кога влегуваше во Светилиштето, и нека ги остави таму.

24. Потоа нека го измие своето тело со вода на свето место и нека ја облече на себе својата облека, па нека излезе за да ги принесе: својата жртва паленица и паленицата на народот и ќе се очисти себеси, и народот.

25. А лојот од жртвата за грев нека го изгори на жртвеникот.

Прочитајте целосна глава Левит (3 Moj.) 16