Стар Завет

Нов Завет

Неемија 8:18-32 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. Милостивата рака на нашиот Бог беше над нас, и тие ни доведоа разумен човек од синовите на Малиј, син Левиев, син Израелов: Серевиј со неговите синови и браќа - нив осумнаесет.

19. Уште Асавиј и со него неговиот брат Исаиј, син Мерариев, и нивните синови, нив дваесет.

20. А од прислужниците, кои што Давид и главатарите ги поставија за левити за да им служат: двеста и дваесет прислужници. Сите беа запишани по име.

21. Јас прогласив пост таму, покрај реката Ахава: за да се смириме пред својот Бог и за да измолиме од Него среќен пат за себе, за своите деца и за сиот свој добиток.

22. Зашто би се срамувал да замолам војска и коњаници од царот, за да нè заштитуваат патем од непријателот; напротив му изјавивме на царот: „Раката на нашиот Бог е испружена да ги благослови сите оние, кои Го бараат; Неговата сила и Неговиот гнев се над оние, кои го оставаат.”

23. И така постевме и Го молевме својот Бог за тоа, и Тој нè послуша.

24. Избрав дванаесет свештенички главатари, Серевиј и Асавиј, и со нив десетмина нивни браќа;

25. им измерив сребро, злато и посатки; дарови што царот, неговите советници, кнезовите и сите Израелци ги подарија за Домот на нашиот Бог.

26. Измерив и ставив во нивните раце шест стотини и педесет таланти сребро, сто сребрени посатки од по два таланта, сто таланти злато,

27. дваесет златни чаши од илјада дарици и две врчви од добро позлатена бронза, скапоцени како злато.

28. И им реков: „Вие сте Му посветени на Господа; ова се посветени посатки; ова сребро и злато Му се подарени доброволно на Господа, на Бога на вашите татковци.

29. Пазете го и чувајте го сè ова додека не го измерите пред свештеничките главатари и пред левитите и пред главатарите на Израелевите домови во Ерусалим, во ризниците на Господовиот Дом.”

30. И така, свештениците и левитите ги примија измереното сребро, злато и посатките, за да ги однесат во Ерусалим, во Домот на нашиот Бог.

31. Во дванаесеттиот ден на првиот месец тргнавме од реката Ахава за да отидеме во Ерусалим: раката на нашиот Бог беше над нас; патем Тој нè заштитуваше од нападите на непријателите и ограбувачите.

32. Стигнавме во Ерусалим и таму се одморувавме три дни.

Прочитајте целосна глава Неемија 8