20. А од прислужниците, кои што Давид и главатарите ги поставија за левити за да им служат: двеста и дваесет прислужници. Сите беа запишани по име.
21. Јас прогласив пост таму, покрај реката Ахава: за да се смириме пред својот Бог и за да измолиме од Него среќен пат за себе, за своите деца и за сиот свој добиток.
22. Зашто би се срамувал да замолам војска и коњаници од царот, за да нè заштитуваат патем од непријателот; напротив му изјавивме на царот: „Раката на нашиот Бог е испружена да ги благослови сите оние, кои Го бараат; Неговата сила и Неговиот гнев се над оние, кои го оставаат.”
23. И така постевме и Го молевме својот Бог за тоа, и Тој нè послуша.
24. Избрав дванаесет свештенички главатари, Серевиј и Асавиј, и со нив десетмина нивни браќа;
25. им измерив сребро, злато и посатки; дарови што царот, неговите советници, кнезовите и сите Израелци ги подарија за Домот на нашиот Бог.
26. Измерив и ставив во нивните раце шест стотини и педесет таланти сребро, сто сребрени посатки од по два таланта, сто таланти злато,
27. дваесет златни чаши од илјада дарици и две врчви од добро позлатена бронза, скапоцени како злато.
28. И им реков: „Вие сте Му посветени на Господа; ова се посветени посатки; ова сребро и злато Му се подарени доброволно на Господа, на Бога на вашите татковци.
29. Пазете го и чувајте го сè ова додека не го измерите пред свештеничките главатари и пред левитите и пред главатарите на Израелевите домови во Ерусалим, во ризниците на Господовиот Дом.”
30. И така, свештениците и левитите ги примија измереното сребро, злато и посатките, за да ги однесат во Ерусалим, во Домот на нашиот Бог.
31. Во дванаесеттиот ден на првиот месец тргнавме од реката Ахава за да отидеме во Ерусалим: раката на нашиот Бог беше над нас; патем Тој нè заштитуваше од нападите на непријателите и ограбувачите.
32. Стигнавме во Ерусалим и таму се одморувавме три дни.
33. На четвртиот ден беа измерени среброто, златото и посатките во Домот на нашиот Бог, и му беше предадено во рацете на Меримот, син Уриин, со кого беше Елеазар, син Финесов; а пред нив беа левитите: Јозавад, син Исусов, и Ноадиј, син Винуев.
34. Сè беше на број и по тежина. Тогаш беше забележана целокупната тежина, во тоа време.
35. Оние, кои се вратија од заточение, повратниците, Му принесоа жртва паленица на Израелевиот Бог: дванаесет јунци за целиот Израел, деведесет и шест овни, седумдесет и седум јагниња, дванаесет јарци за грев - сè тоа како паленица на Господа.
36. Потоа им ги предадоа царските повелби на царските намесници и управители оттаде Реката, и тие ги помогнаа народот и Божјиот Дом.